Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, по повод 27 Јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, кажа дека Северна Македонија ги помни жртвите на холокаустот и ги чува сеќавањата во исклучително важниот како што рече, Меморијален центар во Скопје.
Домаќин на денешното комеморативно одбележување беше заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки, a пред присутните се обратија и: министерот за дијаспора на Државата Израел, Нахман Шаи; претседателката на Собранието на Еврејската заедница во земјава, Радојка Хелман-Денковска; амбасадорот на Грција во својство на земја претседавач со ИХРА, Русос Кондурос; заменик-шефот на Мисијата во Амбасадата на САД, Ерик Мејер; и координаторката на Европската комисија за борба против антисемитизмот и унапредување на еврејскиот живот, Катарина фон Шнурбеин. Беше организирана и панел-дискусија на тема „РС Македонија – 35-та членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот (ИХРА): активности и мерки во борбата против искривоколчувањето на холокаустот и антисемитизмот и улогата на ИХРА во овие области.
Пред присутните, министерката ја цитираше Ана Франк: „Во тешки времиња како што се овие: идеалите, соништата и негуваните надежи се издигнуваат во нас само за да бидат уништени од мрачната реалност. Навистина е чудо што не ги отфрлив сите мои идеали бидејќи изгледаат толку апсурдни и невозможни да се спроведат. Сепак, ги чувам, бидејќи и покрај сè, верувам дека луѓето се навистина добри во срцето“.
Костадиновска-Стојчевска потсети дека секоја година го одбележуваме 11 Март, денот кога 7.144 македонски евреи беа депортирани од окупаторските фашистички сили со возовите на смртта.