1. Дали сме ние несреќни, или глупи? Или само несреќно глупи. Па сега дојдоа спасителите да нé опаметат и да нé усреќат.
Еве, на пример, Борис Трајковски. Кога го гледам на митинзите ми иде да заплачам над сопствената несреќна судбина. Додека не се појави тој, немав поим дека ние сме толку напатен и нереќен народ. Си го слушав премиерот Георгиевски кој ни вели дека сме лидер на реформите во Југоисточна Европа и си бев мирен. Дојде Трајковски и ми ги урна сите илузии. Борис верува во Македонија, ама зар на Љубчо не му верува? Па сега и тој ќе мора да нé спасува од несреќата што нé снајде. Ни ги открива неговите визии, кога ќе нé поведе кон Европа со стапче и торбуле. Оти ние сме многу прости, па не знаеме да си понесеме и куфери. За секој случај. Да не ни се бендиса таму, па да си останеме, а спасителите да ги оставиме дома.
Додека Борис нé спасува од несреќата, Тито и Андов нé спасуваат од бугаризацијата. И тие мислат дека сме неосвестени, па сé некој треба да нé освестува. Којзнае, можеби мислат дека сме толку недораснати и неосознанени, па ќе станеме Бугари, само ако така ни каже некој од владејачката партија. А тие ќе се жртвуваат за наше добро и ќе нé вратат по стариот пат.
Циле нé спасува од сиромаштијата и од лагите. Еве, вчера пак замина за Америка. Изгледа му се потрошија парите за делење, па отиде по нови чекови.
Сите нé спасуваат од некого. Туку, како ние да се спасиме од нив.
2. Како Љубчо што не му кажува на Борис дека откако тој дојде на власт ние повеќе не сме несреќни, така и Бранко не му кажувал на Тито што правел СДСМ за време на своето владеење. Затоа Тито на телевизиското соочување со интерес го прашуваше Борис за истите работи што ги правеше неговата партија до минатиот октомври. Сиромашкиот Тито, сигурно му се пожалил на Бранко: “А бе овие многу лоши се. Сé како нас прават!”
Има симболика во тоа што за време на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ министрите што стојат зад говорницата цело време си ги држат рацете прекрстени напред, како фудбалери на жив ѕид, да не ги удри топката на незгодно место. Владејачката партија сериозно си ги штити органите. Ќе им требаат барем уште три години. За усреќување на народот.
Андов почна уште сега да воспоставува ред во земјата. За почеток, ги става во ред неговите конкуренти. На сите им држи лекции. Овој не смее ова да прави, овој не смее она, овој треба вака, овој треба инаку…Зошто ги подучува? Замисли да го послушаат, самиот зијан ќе си направи. Ако прават како што ќе им каже тој, тие ќе бидат добри и Андов можеби нема да победи.
Циле дефинитивно докажа дека не лаже. Нели на ТВ спотот го минува стариот мост и од таа страна е Америка. И навистина, Циле замина за Америка. Само, не ми е јасно како ќе нé спасува. Ќе ја донесе Америка кај нас или, за да се спасиме, сите ќе одиме за Америка. И нека не се движи по стариот мост секоја вечер по неколку пати и на сите телевизии. Опасно е. Не за друго, туку барем мостот да го спасиме.
3. А од злото олицетворено во новинарите, ќе нé спасува државниот јавен обвинител Ставре Џиков. Кој ли професор од Правниот факултет, кој патем предавал и на студенти по новинарство го подучувал јавниот обвинител дека некој новинар за шпекулирање бил осуден на смрт? Некој што докторирал во Ирак или студирал на универзитетите на Сталин. Затоа, отсега Џиков нема да чека пријави, туку самиот ќе ги користи овластувањата и ќе подига обвиненија против автори на новинарски текстови, базирани на шпекулации кои не можат да се поткрепат со факти. Среќа што со Уставот е укината смртната казна.
Како не им текнало на тие што го поставиле обвинителот, да му дадат уште едно овластување. Паметниот професор би можел со сиот ум да ги подучи и да им предложи да биде и цензор. Зошто новинарите бадијала да страдаат? Подобро уште во старт да им се забрани да објавуваат.
Само ми е страв дека, во тој случај, обвинителот ќе си ја запостави другата работа. Нема да има увид во тоа што се прави на граничните премини, како се собира рекет од нелојалните фирми, колку се плаќа мито за шлепер цигари, а колку за кафе. Тие се заштитени од обвинителот и тој не може против нив да ги искористи своите овластувања и да ги гони по службена должност. Тие не објавуваат во весници за криминалот што го прават.
4. Си биле Македонец и Норвежанец и си раскажувале случки од животот. “И да видиш, еден ваш НАТО-вец, возел по автопат, ама кога сфатил дека оди во погрешен правец, си ја завртил колата и фатил да вози во забранет правец. Удрил во друга кола, загина еден министер сосе семејството и возачот и вашиот војник си замина дома”, возбудено раскажува Македонецот. “Аман бе”, се чуди Норвежанецот и прашува: “А вашата Влада ништо?”. А Македонецот гордо одговара: “Ништо!”
Си направил странецот есап: два милиона жители, толку и толку возила, толку и толку километри автопат и…
Се појавува реклама: “Откријте ја Македонија – земја на авантура и на високоадреналинска забава – неброени можности за сообраќајки, патни знаци со македонски зборови на латиница за да не разберете ништо – за највештите, можност и за смртни случаи – потоа продолжете го одморот во некоја земја на НАТО”.
Пролетта негувавме хуманитарен туризам. Сега во Македонија може да се развие нова стопанска гранка – криминал туризам. “Дојди, направи беља и оди си. Ние со задоволство ви стоиме на располагање.”