Северна Кореја го лансираше проектил со најголем дострел од 2017 година. Оружјето очигледно било проектил со среден дострел, кое достигнало височина од 2.000 километри пред да падне во Јапонското Море. Јапонија, Јужна Кореја и САД го осудија лансирањето, кое е седми тест овој месец.
ОН ѝ забранија на Северна Кореја тестирање балистичко и нуклеарно оружје и воведоа строги санкции. Но, земјата редовно ја крши забраната, а лидерот Ким Џонг-ун вети дека ќе ја зајакне одбраната.
Експертите сугерираат дека зад серијата лансирања стојат повеќе причини, меѓу кои и политичко демонстрирање сила до глобалните и регионалните сили, желбата на Ким Џонг-ун да ги притисне САД да ги продолжат долго време закочените нуклеарни разговори,а исто така и практичната потреба да се тестираат нови технолошки и воени командни системи. Значајно е и времето на лансирањето, оти е непосредно пред Зимските олимписки игри во Кина и пред претседателските избори во Јужна Кореја во март.