Градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски и заменик-министерката за финансии во последната техничка влада Гордана Димитриевска-Кочовска вечерва се избрани за нови потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ, кажа претседателот на партијата Христијан Мицкоски по седницата на Централниот комитет.
Досега, ВМРО-ДПМНЕ имаше двајца потпретседатели, Владо Мисајловски и Александар Николоски, кои остануваат на функциите.
Централниот комитет избра и членови на проширениот Извршен комитет на партијата, меѓу кои и долгогодишниот граѓански активист Сашо Клековски. Нови членови на ИК на ВМРО-ДПМНЕ се уште докторот Ристо Симеонов, специјалист по детска хирургија, актерот Зоран Љутков, поранешната вицегувернерка на Народна банка Маја Кадиевска-Војновиќ, пратениците Ели Панова и Миле Лефков, како и портпаролката Марија Митева.
Генерален секретар на партијата останува Ѓорѓија Сајкоски.