СУДОВИТЕ СО ИЗМИСЛЕНO ПРАВО МУ ОВОЗМОЖИЈА НА ФОНДОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ДЕПОЗИТИ ДА ОСТАНЕ ДОВЕРИТЕЛ ВО СТЕЧАЈОТ НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ВЕЛАТ ОШТЕТЕНИТЕ ШТЕДАЧИ

    СУДОВИТЕ СО ИЗМИСЛЕНO ПРАВО МУ ОВОЗМОЖИЈА НА ФОНДОТ ЗА ОСИГУРУВАЊЕ НА ДЕПОЗИТИ ДА ОСТАНЕ ДОВЕРИТЕЛ ВО СТЕЧАЈОТ НА ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ВЕЛАТ ОШТЕТЕНИТЕ ШТЕДАЧИФондот за осигурување на депозити не ги исплаќа правните лица, кои можат да ги наплатат своите депозити од стечајната маса. (Фото: СДК.МК)

    Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје преку правна еквилибристика, и врз основа на непостоечка посебна законска суброгација, каде правен основ е подзаконски акт, во случајов Статутот на Фондот за осигурување на депозити, утврдија дека Фондот за осигурување на депозити останува доверител во стечајната постапка за Еуростандард банка, велат од Здружението на оштетени штедаќи во пропаднатата банка.

    Од ова здружение очекуваaт Судскиот совет да се произнесе по барањето за утврдување на одговорност поради несовесно и нестручно постапување на судиите кои одлучувале по овој предмет.

    На денешната прес-конференција пред Основниот граѓански суд Скопје, Здружението на оштетени штедачи во Еуростандард Банка ја праша Македонската банкарска асоцијација дали може да одговори според кој материјален закон Фондот за осигурување на депозити продолжува да биде доверител во стечајната постапка за Еуростандард банка.

    „За да нè убедат нас оштетените дека не сме во право, но и да му помогнат на судот во трагање по законот што тој сè уште не успеал да го пронајде“, велат од здружението.

    Од здружението велат дека Фондот за осигурување на депозити не треба да биде доверител во стечајната постапка за Еуростандард банка, особено по Одлуката на Уставниот Суд за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки и затоа што ниту во Законот за Фондот за осигурување на депозити, ниту во било кој друг закон не постои одредба која му дава право на Фондот за осигурување на депозити да биде доверител во стечајна постапка за банка.

    „Неговата обврска за исплата на депонентите физички лица до 30.000 евра утврдена е со закон, соодветно на што, и неговото право на регрес (враќање) на исплатените средства во стечајната постапка треба да биде утврдено со закон. Но, таков закон не постои, поточно, нема материјална одредба во ниту еден закон според која Фондот за осигурување на депозити, врз основа на своето регресно право, може да биде доверител во стечајната постапка за банка. Затоа, Основниот граѓански суд Скопје и Апелациониот суд Скопје мораа, преку правна еквилибристика, и врз основа на непостоечка посебна (sui generis) законска суброгација, каде правен основ е подзаконски акт (Статутот на Фондот за осигурување на депозити), да утврдат дека Фондот останува доверител во стечајната постапка за Еуростандард банка. Тоа е реалноста на правната држава која ја живееме, ние како оштетени штедачи, Фондот како потенцијално оштетен ако навистина оштетените си ги добијат назад своите заробени пари, но и банките и штедилниците со своите рекордни профити, разбрани како индиректна sui generis штета“, велат од Здружението на оштетени штедачи во Еуростандард Банка.

    Од здружението сугерираат дека не може законот селективно да се применува и очекуваат дека граѓанскиот суд Скопје нема да има селективен пристап кога ќе одлучува и очекуваат потврда на планот за авансна распределба.

    Суброгација е законско право за осигурителните компании, кое што му овозможува на осигурувачот да се поврати износот што го платил за загуба со тужител на партијата која ја предизвикала загубата.

    Банките, филијалите на странски банки и штедилници основани во Република Северна Македонија се должни во Фондот да ги осигурат депозитите на население. Осигурени во Фондот за осигурување на депозити се депозити до износ од 30.000 евра во денарска противвредност. Средствата на Фондот се формираат од основачкиот влог, наплата на премии за осигурување на депозитите и приходи од пласмани.

    Доколку на Фондот му недостасуваат средства за исплата на осигурените депозити, Фондот ги обезбедува дополнителните средства преку: дополнителни уплати од банките, филијалите на странските банки и штедилниците, но не повеќе од трикратен износ на премиите; задолжување во земјата и странство и позајмици од Буџетот на Република Северна Македонија.

    Фондот не ги исплаќа правните лица, кои можат да ги наплатат своите депозити од стечајната маса.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира