МЕДЛИКАТА Е МЕД ШТО СЕ ДОБИВА ОД СЕКРЕТИТЕ ОД РАСТИТЕЛНИ ВОШКИ И ПОМАГА ПРИ БЕЛОДРОБНИ ЗАБОЛУВАЊА

    МЕДЛИКАТА Е МЕД ШТО СЕ ДОБИВА ОД СЕКРЕТИТЕ ОД РАСТИТЕЛНИ ВОШКИ И ПОМАГА ПРИ БЕЛОДРОБНИ ЗАБОЛУВАЊАТетовецот Димче Трифуновски од „Пчеларство Балтепе“ освои златен медал за квалитетен мед од видот медлика На Третиот меѓународен натпревар во квалитет на мед “Tetovo - Honey Award 2021“. (Фото: СДК.МК)

    На Третиот меѓународен натпревар во квалитет на мед “Tetovo – Honey Award 2021“ кој се одржа при крајот на минатата година, тетовецот Димче Трифуновски од „Пчеларство Балтепе“ освои златен медал за квалитетен мед од видот медлика. Овој вид мед која го има и кај нас, но е малку познат меѓу луѓето, а е специфичен по тоа што пчелите не го прават од цветниот нектар туку од секретот кој го испуштаат лисните вошки.

    „Ова е трет пат како учествувам на овој натпревар и трипати мојот мед е оценгт со највисоки оцени од страна на меѓународното жири. Но, оваа година за разлика од претходните две, на натпреварот за прв пат учествував со медлика за што и овој пат бев награден со златен медал за квалитет. Медликата е засебна категорија мед. Тој исто така е производ на пчелите, но наместо да се добива од поленот и од цветниот нектар, пчелите го прават собирајќи го секретот кој го испуштаат лисните вошки кои ги има по листовите од дрвата и растенијата каде тие се хранат со сокот од нивните листови. Честопати ни се случувало во пролет или лето да го оставиме автомобилот неколку часови под некое дрво и ќе забележиме дека на него се појавила некоја леплива материја. Е тоа е медлика, бистра како роса и леплива како мед, односно тоа е оној секрет кои го испуштаат растителните вошки. Медлика појавува на листопадни и иглолисни дрвја а најмногу ја има на липата, дабот, борот, врбата и други дрва“, вели Димче Трифуновски, долгогодишен одгледувач на мед. .

    Тој со пчеларство се бави повеќе од 15 години и вели дека ова е прв пат да успее да произведе чиста меделика. Вели дека за да се добие овој мед треба климатски да се погоди годината за да може лисните вошки да се размножат и да зафатат поголеми површини од шумата. Иако од една страна лисните вошки се штеточини, бидејќи преку листот го пијат сокот од растенијата, од друга страна таа медна роса што ја произведуваат дава, не само убав, туку и многу лековит мед.

    Медликата исто така е производ на пчелите, но наместо да се добива од поленот и од цветниот нектар, пчелите го прават собирајќи го секретот кој го испуштаат лисните вошки кои ги има по листовите од дрвата и растенијата каде тие се хранат со сокот од нивните листови. (Фото: СДК.МК)

    „За да се добие мед од медлика потребно е да се погодат многу фактори, влага, температура, помалку врнежи и други параметри за да може растителната вошка да се размножи во големи количини. Таква беше минатата година, кога прв пат ми се случи да соберам поголеми количини чиста медлика. Сум собирал и порано но таа била помешана со цветен нектар, а не вака чиста медлика. Минатата година кога почнав да ги отварам кошниците и јас бев изненаден од количината која пчелите успеале да ја соберат. Дека станува збор за квалитетна медлика зборува и освоениот златен медал на годинешниов натпревар Tetovo – Honey Award 2021“. Медликата од медот се разликува по хемискиот состав, содржи помалку вода од цветниот нектар и има многу повеќе минерали. Овој вид мед е потежок за јадење. Знам некои мои муштерии кои многу го сакаат, други пак велат дека им е тежок за јадење. Сепак медот од медлика најмногу го земаат бидејќи има лековити својства и многу помага при кашлање и некои белодробни заболувања. Според истражувачите, за разлика од цветни мед, медлика има зголемено ниво на сахароза, декстрин, минерали и намалена содржина на инвертен и други специфични хемиски карактеристики“, објаснува Трифуновски.

    На натпреварот “Tetovo – Honey Award 2021“, организиран од страна на здруженијата на пчелари ,,Полошки Мед“, и ,,Градот на пчелите“, во соработка со Факултетот за прехранбена технологија и исхрана при Универзитетот во Тетово, учествуваа медари од 22 земји од речиси сите континенти со вкупно 355 мостри мед . Квалитетот на медот го оценуваше стручно меѓународно жири составено од експерти од Македонија, Црна Гора, Косово и Србија кое ги оценуваше органолептичките карактеристика на пристигнатите примероци мед, а додека во лабораторијата на Државниот Универзитет во Тетово се испитуваше хемискиот состав на медот. Според Владимир Петроски од Здружението „Полошки мед“, натпреварот кој се одржа при крајот на 2021 година, покрај големиот број учесници се карактеризирал и по тоа што повеќе медари учествувале со мед од медлика.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира