Со едукативната кампања „Ги запознаваме ретките болести“ на Здружението за лица со ретки болести „Живот со предизвици“, секој ден во февруари се зборува за една ретка болест, начинот на дијагностицирање, третманот и предизвиците со кои се соочуваат луѓето што живеат со неа.
Како ја добиваат дијагнозата? Дали има некаков лек? Колку и дали воопшто се пристапни и достапни лековите? – се прашањата кои се откриваат во кампањата.
Примарна хипероксалурија тип 1/Primary hyperoxaluria type 1
МКБ: E 72. 53
Преваленца/распространетост: 1/120.000
Примарна хипероксалурија тип 1 (ПХ1) е најчеста форма на примарна хипероксалурија. Тоа е ретка наследна болест која главно ги зафаќа бубрезите. Се јавува кај едно на 120.000 раѓања и се пренесува автосомно рецесивно. Последица е на натрупување на супстанција наречена оксалат, која нормално се филтрира преку бубрезите и се отстранува преку урината. Кај пациентите со Примарна хипероксалурија тип 1, акумулираниот оксалат се таложи во бубрезите и уринарниот тракт се врзува со калциуми и формира нерастворливо соединение наречено калциум оксалат. Ова соединение создава камчиња во бубрезите и уринарниот тракт.
Симптоми:
Примарна хипероксалурија тип 1 може да се појави на која било возраст, а симптомите и тежината на болеста се различни. Околу 20% од пациентите имаат тешка форма на болеста која започнува на возраст помала од една година. Спротивно, пак, некои пациенти живеат без никакви симптоми, сè до возраст од 50 години. Просечна возраст при која почнува болеста е околу 5 години.
Знаците на бубрежно засегање можат да варираат од нефрокалциноза (состојба на таложење на калциумови соли во бубрежното ткиво) и развој на бубрежна слабост уште во возраста на доење, па сè до повремени симптоми на камчиња во бубрезите при возрасна доба. Бубрежните камчиња најчесто се првиот знак на Примарна хипероксалурија тип 1. Симптоми на постоење на бубрежните камчиња се ненадејна појава на стомачна или слабинска болка, крв во урината, често и болно мокрење, покачена температура и треска. Нелекуваната Примарна хипероксалурија тип 1 води кон бубрежна слабост која е живото-загрозувачка состојба. Бидејќи симптомите на болеста можат да се јават релативно доцна, а да се асоцирани со сериозни компликации, тогаш сите педијатриски пациенти кои имаат бубрежни камчиња треба да бидат тестирани за оваа болест. Други чести симптоми предизвикани од натрупување на соединението оксалат во други органи, можат да бидат бавен раст и развој, таложење на калциум во ѕидот на крвните садови, нарушување на срцевиот ритам, срцева слабост, проблеми со видот, намалена функција на тироидната жлезда, воспаление на зглобовите и кожни промени. Доколку не се лекуваат, животниот век na овие пациенти е околу 20 години, а главна причина за смртност е крајната фаза на бубрежна слабост.
Причина:
Примарна хипероксалурија тип 1 се наследува автозомно рецесивно и е предизвикана од мутација на генот АГКСТ, лоциран на хромозом 2q37.3. Ова значи дека за еден човек да заболи, мора да има мутации на двете копии на генот АГКСТ, кои ги наследил од двата родитела. Овој ген е одговорен за производство на ензим наречен аланин-глиоксалат аминотрансфераза, кој се наоѓа во клетките на црниот дроб во клеточните структури наречени пероксизоми. Ензимот е задолжен за конверзија на соединението глиоксалат во аминокиселината глицин, а како кофактор неопходен е Б6 витамин (пиридоксин). Мутациите во генот АГКСТ водат до намалено ниво или нарушена функција на ензимот, со што се оневозможува разложување на глиоксалатот. Ова резултира со натрупување на глиоксалат, кој потоа се конвертира во оксалат, наместо во глицин. Вишокот на оксалат кој не се отстранува од телото подоцна се врзува за калциум и формира калциум оксалат, главна компонента на бубрежните камчиња.
Дијагноза:
Поставувањето на дијагноза за генетска или ретка болест често е предизвик. Дијагнозата се поставува според историјата на пациентот, клиничкиот преглед, лабораториските и радиолошките испитувања и генетската анализа. Најзначаен лабораториски наод е значително зголемената елиминација на соединението оксалат преку урината. Специфични радиолошки анализи за детекција на хипероксалурија не постојат, но калциум оксалатните камења во бубрезите или уринарните патишта лесно се детектираат со компјутерска томографија. Радионуклидните студии даваат информација за добро ниво на зачувување на бубрежната функција. Прецизна дијагноза за Примарна хипероксалурија тип 1 може да се постави само со генетска потврда за мутација во генот АГКСТ или преку анализа на ензимската активност во примерокот од биопсијата на црниот дроб.
Третман:
Третманот на Примарна хипероксалурија тип 1 е насочен кон намалување на производството на оксалат и зголемување на елиминацијата на калциум оксалат. Кај 30% од пациентите, терапија со Б6 витамин го намалува нивото на оксалат во плазмата. Со цел да се спречи создавање на камења во бубрезите и уринарните патишта, потребен е внес на големо количество течности, терапија со калиум цитрат, алкализација на урината, суплементација со фосфати, ограничен внес на Ц витамин и Д витамин и избегнување на некои лекови (пр. диуретици на Хенлеова петелка). Уринарните камења треба да се третираат од искусни уролози. Дијализа е потребна кај пациенти со Примарна хипероксалурија тип 1 и со поразвиена бубрежна слабост. Трансплантацијата на бубрег или бубрег и црн дроб е дефинитивен третман за некои пациенти, особено кај деца со рана форма на болеста. Лекот Лумасиран е современа генска терапија и е одобрен за третман на овие пациенти од Американската агенција за лекови.
За проектот:
Гордана Лолеска, Супер радио и Здружението „Живот со предизвици“ и овој февруари, во рамките на четвртата сезона од проектот „Ги запознаваме ретките болести“, ве запознаваат со ретките болести во Македонија, со надеж дека преку овие нови 28 ретки дијагнози сите заедно ќе успееме да го кренеме гласот за проблемите со кои се среќаваат лицата со ретки болести, но и нивните семејства.
Првиот ден на ретки болести беше одбележан во 2008, на 29 февруари, редок датум кој се случува само еднаш на секои четири години. Оттогаш, се одбележува на последниот ден од февруари.
Денот на ретките болести е меѓународна кампања за подигнување на свеста за ретките болести. Од почетокот во 2008 година, илјадници настани се организираат низ целиот свет и опфаќаат милиони луѓе. Кампањата започна како европски настан и со тек на времето стана глобален феномен, со учество на над 90 земји во 2018. Македонија првпат се вклучи во одбележувањето на овој ден во 2013.