Вестерн драмата „Моќта на кучето“ ја предводи годинашната трка за оскари со 12 номинации, следен од „Дина“ со десет, додека „Белфаст“ и „Приказна од западната страна“ добија по седум. Церемонијата на доделувањето е на 27 март.
Во групата за најдобар филм се „Белфаст“, „Не гледај горе“, „КОДА“, „Вози го мојот автомобил“, „Дина“, „Кралот Ричард“, „Ликорис пица“, „Алеја на кошмари“, „Моќта на кучето“ и „Приказна од западната страна“.
Џејн Кемпион („Моќта на кучето“) стана првата жена која двапати била номинирана за најдобра режија, а ривали ќе ѝ бидат Стивен Спилберг („Приказна од западната страна“), Кенет Брана („Белфаст“), Пол Томас Андерсон („Ликорис пица“) и Рјусуке Хамагучи („Вози го мојот автомобил“).
Џесика Честејн („Очите на Тами Феј“), Кристен Стјуарт („Спенсер“), Никол Кидман („Да се биде Рикардо“), Оливија Колман („Изгубената ќерка“) и Пенелопе Круз („Паралелни мајки“) ќе се борат за оскарот за најдобра актерка, а кај мажите тоа се Хавиер Бардем („Да се биде Рикардо“), Бенедикт Камбербач („Моќта на кучето“), Вил Смит („Кралот Ричард“), Дензел Вашингтон („Трагедијата на Макбет“) и Ендрју Гарфилд („Тик, тик… бум!“).
За најдобра машка споредна улога номинирани се Киерен Хајндс („Белфаст“), Џеј Кеј Симондс („Да се биде Рикардо“), Џеси Племонс („Моќта на кучето“), Коди Смит-Мекфи („Моќта на кучето“) и Трој Котсур („КОДА“), а во женска конкуренција Аријана Дебоуз („Приказна од западната страна“), Џеси Бакли („Изгубената ќерка“), Џуди Денч („Белфаст“), Кирстен Данст („Моќта на кучето“) и Анџену Елис („Кралот Ричард“).
Јапонскиот „Вози го мојот автомобил“ е номиниран и за најдобар странски филм, покрај „Лунана: Јак во училницата“ (Бутан), „Бегање“ (Данска), „Божја рака“ (Италија) и „Најлошата личност на светот“ (Норвешка).
Данскиот анимиран документарец „Бегање“ испиша историја оти е прв филм номиниран и за најдобар странски и за најдобар анимиран и за најдобар документарен филм.