ТИРЗ Тетово е единствена економска зона која работи на принципот на јавно-приватно партнерство. Со зоната менаџира Компанијата „НОРМАК инвестинг груп“, и според изградените капацитети и бројот на вработените во зоната, таа сега е најголемиот работодавец во Полошкиот Регион. Како новина во натамошниот развој на зоната е најавата дека таа наскоро ќе прерасне во зелена зона, односно самата ќе произведува електрична енергија од обновливи извори и како таква ќе биде прва индустриска зона во државата која ќе се грижи за намалување на загадувањето.
„Веќе сме при крај со сите подготовки ТИРЗ Тетово да стане првата зелена зона не само на ниво на регионот туку и на ниво на државата, каде ќе почнат дополнителни инвестиции во делот на нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори. Таа електрична енергија ќе се користи како за потребите на компаниите кои работат во зоната, така и за другите компании вон неа. ТИРЗ Тетово е единствената ваква индустриска зона во државата која работи на принципот на јавно-приватно партнерство. Ваквиот начин на работа ги дава очекуваните резултати и може да се користи како модел и во другите региони и градови од државата. Изградбата на фотонапонската електрична централа ќе се направи од страна на приватниот инвеститор, а ние како Влада, за да ги поттикнеме и стимулираме сите наши домашни но и странски компании да инвестираат во обновливи извори, ќе им излеземе во пресрет со постоечките механизми“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.
Бектеши најави дека веќе се работи на измена на правилникот со што кај домаќинствата од досегашните 4 ќе се можат да инсталираат фотонапонски елементи во јачина до 6 киловати, што е 50 проценти зголемување на моќта, а за компаниите од досегашните 20 киловати таа се зголемува на 60 киловати.
Министерот денеска во ТИРЗ Тетово ја предаде употребната дозвола за новиот погон на фабриката ЛЕАР која е најголем производствен капацитет во зоната. Новиот погон е изграден во рок од девет месеци, се простира на површина од 8.000 метри квадратни, а инвестицијата е вредна 15 милиони евра. Американската компанија „ЛЕАР корпорејшн“ е водечки глобален застапник за навлаки за седишта за автомобили и електрични дистрибутивни системи.
З. АНДОНОВ