Судијката Софче Гаврилова од Основниот кривичен суд Скопје, на денешниот судски процес за „Меѓународен сојуз“ донесе лаптоп и покажа дека првообвинетиот Бојан Јовановски не ја зборува вистината кога тврди дека не се отворале пораките од Ватсап комуникациите во неговиот мобилен телефон, што тој ги бара како доказ.
Не го обвини дека кога ги прелистувал тие материјали однесени специјално за него во затворот Идризово како право на одбрана, го злоупотребил тоа право и вадел оттаму селективни пораки за да пишува отворени писма против политичари, туку кажа дека материјалите што „7 месеци не можеле да се отворат”, биле искористени за да ја одолговлечи постапката во „Меѓународен сојуз“.
„По осум месеци прелистување и поплаки од Јовановски дека не можело да се отвори Ватсап комуникацијата, го викнав ИТ лицето вработено во судот и по инструкциите од форензичарите од МВР кои му беа дадени и на Јовановски и одбраната, веднаш ги отвори. Да донесам лаптоп, сега јас ќе ѝ покажам на целата јавност”, кажа судијката и даде куса пауза.
Само што почна да презентира Гаврилова, скокнаа Јовановски и адвокатот дека среде судење Гаврилова прави незаконски упад во постапката. Се караа до бескрај, таа не отстапи од намерата.
Претходно, на почетокот на денешното судење всушност, адвокатот на Јовановски кажа:
„Сè додека Ватсап комуникацијата во телефонот на обвинетиот Бојан Јовановски не биде презентирана пред судот, тој нема да дава усна одбрана. Ве молам, ова да не се толкува како бранење со молчење. Сè додека не се изведат овие материјални докази од Ватсап комуникацијата од неговиот мобилен телефон, давањето негов исказ пред судот би бил беспредметен“.
Јовановски стана и дополни дека во тие докази, комуникации од телефонот, се круцијални, но и дека се поврзани со неговиот исказ што треба да го даде пред судот.
„Го молам судот да наложи да го донесат телефонот физички, да ги извадиме тие комуникации, да ги викнеме тие луѓе како сведоци и да ја утврдиме вината каде е. Зашто, ние овде сме обвинети дека сме извршиле измама, а всушност сме измамени од лица високо позиционирани во власта”, бараше Јовановски.
Истото ова тој го бараше и во случајот „Рекет”, каде е правосилно осуден на 9 години затвор.
Но, судијката Софче Гаврилова, која уште на претходното рочиште донела одлука да не се изведуваат тие докази, го потсети дека против таа нејзина одлука може да поднесе жалба заедно со евентуалната жалба против крајната одлука (пресудата).
Судот му има дадено копија хард диск од податоците од мобилниот кои Обвинителството за организиран криминал ги користи против него во оваа постапка, но Јовановски тврди дека таму од обвинителството има намерно игнорирани комуникации кои се во негова корист.
Судијката Гаврилова во записникот наведе дека во однос на телефонот и податоците, за да може Јовановски да ги употреби во оваа постапка, беше сторено следното: „Овој телефон е одземен уште во ‘Рекет’. Таа постапка за одземени предмети е позната за одбраната. Во тој предмет беше вештачен во ‘Рекет’. Начинот на кој се обезбедени податоците од телефонот, е опишан од МВР во два извештаја. А што е форензичка копија, тука образложи форензичар од МВР. Значи податоците од телефонот на обвинетиот Јовановски се обезбедени од институција, која е компетентна и стручна, и оттука се неосновани тезите на обвинетиот. Ако некој од обвинетите се сомнева во стручното работење на МВР, може слободно да поведе постапка. Ако некому му е потребен податок од тој материјал, ќе му биде обезбеден, како што обезбеди судот за обвинетата Фросина Ременски и таа на судењето тие обезбедени докази го искористи во својата одбрана“.
Гаврилова потоа кажа како кога бил овој обвинет спроведен во КПУ “Идризово”, му било дозволено таму да се внесува преку адвокатот и да прегледува доказен материјал.
„Не можел да ја отвори Ватсап комуникацијата. Форензичарите во МВР во декември реагирале дека станува збор за обемен материјал кој е доставен законски според форензичарските софтвери. Судот сето ова го направи за да ја овозможи одбраната. Затоа и ги прифати сведоците Зоран Заев, Мила Царовска и другите, а не за да ја попречи. На прашање на судот што после 7 месеци прегледување на тој материјал, одбраната ќе предложи за доказ, одговорија: ‘Од се што прегледавме, не најдовме нешто значајно за оваа постапка'”, кажа судијката.
Во овој случај, покрај Боки 13, обвинети се и татко му Миле Јовановски, поранешната потпретседателка на парламентот Фросина Ташевска-Ременски, Јасна Мандиќ, заменик-претседателката на невладината организација на Боки „Меѓународен сојуз”, како и нејзината асистентка Кристина Блажевска.
Боки 13 е обвинет за измама и перење пари. Ременски е обвинета за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измамата и перењето пари, Миле Јовановски се терети за помагање во перењето пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз”.
С. К. ДЕЛЕВСКА