Вчеравечер, кус временски период беше отежнат или блокиран пристапот до веб-страниците на Народната банка и домашните банки, како резултат на ДДоС напад, соопшти Народна банка, додавајќи дека тоа е надминато во најкус рок преку мерки преземени од страна на Народната банка, банките и веб-провајдерите.
„Безбедноста, односно доверливоста и интегритетот на податоците, во ниту еден момент не беше доведенa во прашање“, велат од Народна банка.
Одговорноста за нападот на Твитер ја презеде грчката хакерска група „Моќна грчка армија“, објавувајќи скриншоти од паднатите веб-страници на Народна банка и неколку македонски банки.
Од Народна банка објаснуваат дека ДДоС е напад на веб-страниците, во кој огромен број на фиктивни клиенти од различни локации се преправаат дека сакаат да добијат информации од страницата, поради што серверот се преоптоварува и му треба повеќе време за да одговори на барањата од реалните корисници. Но, велат од Народна банка, во ваков случај ниту се исклучува сервисот, ниту пак се менува содржината на веб-страницата.