Скопската градоначалничка Данела Арсовска поднесе кривична пријава против поранешниот секретар на Град Скопје Викторија Аврамовска-Мадиќ, портпаролот Ваљон Салиху, Влатко Васиљ вработен во одделението за активности на градоначалник и Никола Трајковски од ИТ сектор, за набавка на веб страна од 75.000 евра.
На денешната прес-конференција, од кабинетот на Арсовска кажаа дека претходното раководство на Градот платило поголема сума од реалната за ваков тип на услуга, а порталот никогаш не профункционирал во целост.
„Викторија Аврамовска-Мадиќ во својство на Секретар на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба и овластување во периодот од 2018 до 2020 година, потврдила дека во целост е реализиран договор за изработка на официјален портал на Град Скопје со миграција на постоечките податоци и дигитална платформа за интерконекција и управување со веб содржини и постапувајќи несовесно во вршење на своите овластувања и должности, потврдила дека е извршено предавање на платформа и прилагодување на порталот кои активности се предмет на реализација на склучен договор иако знаела дека не е испорачанo IBM ESB. Исто така не е извршена целосна миграција на податоци од постојната веб страна на Град Скопје и не е предаден порталот за што останатите пријавени со свои потписи потврдиле дека се извршени и предадени поединечните фази од наведениот проект, иако знаеле дека истите не се испорачани и иако им било познато дека договорот не е во целост реализиран“, кажа Данијел Апостоловски, советник за односи со јавност во Град Скопје.