Околу 150 планинари од планинарското друштво „Лисец“ од Штип, придружувани од колеги од Србија и Бугарија, кои учествуваа во традиционалниот Февруарски поход, се пожалија дека останаа заглавени на Пелистер. Велат дека не можат да го напуштат хотелот „Молика“ зашто единствениот асфалтен пат кој води низ Пелистер и од каде треба да заминат, има наноси од снег и не е исчистен.
Планинарите викендов учествуваа во планинарскиот поход и хотелскиот аранжман им беше до 11 часот денес. Реагираат дека со часови чекаат да се расчисти патот за да можат да си заминат дома. Меѓу нив има и десетина деца, најмалите на возраст од седум години.
„Ние сме со лесни возила, а патот не е исчистен, добивме ветување од надлежните на ‘Македонија пат’ дека ќе го исчистат, но ете веќе три часа чекаме. Меѓу над има и планинари од Србија и Бугарија кои ги чека подолг пат за дома. Сега седиме внатре во хотелот и чекаме “, изјави Вишна Шурова –Ангелова од планинарското друштво „Лисец’ .
Директорот на „Македонија пат“ Костадин Ацевски за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека уште утрово патот бил пробиен, но планинарите одлучиле да останат на ручек во хотелот. Во меѓувреме, вели тој, двата камиона и тракторот отишле да го чистат патот за Ниже Поле, а во заврнал нов снег. Сега се чистат новите наноси и очекува за половина до еден час патот да биде прооден.
Директорот на хотел „Молика“ Никола Каровски вели дека патот е веќе прооден и гостите го напуштиле хотелот.
„Патот беше чист и во девет часот утрово, но тогаш гостите не го напуштија хотелот мислејќи дека ќе остане во таква состојба. Но, ова е планина, се случија нови врнежи. Неколкумина беа дојдени со возила со летни гуми и не можеа да слезат. Им кажавме дека за час до час и половина ќе биде пак чист патот. Три возила беа на терен и го исчистија. Не е наше како хотел да го чистиме патот, но се грижиме за гостите и уште од вчера ги известиме дека ќе има нови врнежи“, рече Каровски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА