ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ СЕ ГРИЖАТ, ЌЕ НЕМА ЦЕНОВЕН ШОК НА ОСНОВНИТЕ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    ГРАЃАНИТЕ ДА НЕ СЕ ГРИЖАТ, ЌЕ НЕМА ЦЕНОВЕН ШОК НА ОСНОВНИТЕ ПРЕХРАНБЕНИ ПРОИЗВОДИ, ВЕЛИ ВЛАДАТАВчера одредени производи беа тргнати од маркетите за да се вратат со нови, повисоки цени. (Фото: СДК.МК)

    Граѓаните да бидат смирени, не се очекува ценовен шок на основните прехранбени производи, велат од Владата. Откако деновиве во голем дел од маркетите одредени производи, како масло, брашно, шеќер, беа тргнати за да се вратат со нови, повисоки цени, од Владата велат дека ја следат состојбата на дневна основа и ги преземаат сите мерки за да се зачува стандардот на граѓаните.

    „Република Северна Македонија има задоволителна количина прехранбени производи и нафтени деривати во стоковните резерви. Во моментот нема потреба да се стават во функција стоковите резерви, имајќи предвид дека производителите на основните производи имаат залихи за период од над 35 дена, не вклучувајќи ги деновите со кои може да се покриваме преку државните резерви. Продолжуваме со снабдување на државните резерви, како што е предвидено во годишната програма, а како Влада ги разгледуваме и евентуалните потреби за дополнително зајакнување на динамиката на резерви, доколку има потреба од такво нешто“, велат од Владата.

    До 28 февруари важеше владината одлука за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти, а од вчера до 31 мај стапува во сила нова владина мерка за справување со инфлацијата, а тоа е ограничување на маржите на трговците. Владата одлучи да воведе највисока трговска маржа до 5 отсто на продажната цена на големо и на 10 отсто од продажната цена во трговијата на мало на основните прехранбени производи.

    Од Владата апелираат трговците да ја почитуваат владината одлука за трговските маржи, бидејќи од оваа одлука нема никој да загуби.

    „Граѓаните да бидат сигурни и во најавите на Централната банка, која изминатите денови информираше дека девизниот курс на денарот е стабилен и таков ќе остане. Оваа монетарна стратегија на стабилен девизен курс на денарот е соодветна стратегија во линија со фундаментите на македонската економија. Согласно оваа потврда за стабилноста на курсот се девизните резерви, кои се клучната алатка при ваков тип на монетарната стратегија, кои според последно расположливите податоци изнесуваат околу 3,4 милијарди евра што е двојно повисоко ниво во однос на 2008 година на глобалната финансиска криза“, објаснуваат од Владата.

    Владата е во редовна комуникација со сите релевантни општествени чинители, како и со меѓународните институции, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, за евентуално ако има потреба да се користат инструменти кои ќе помогнат во финансирањето на трошоците во економијата на земјата.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира