Шестото издание на Скопската недела на дизајнот, што почнува вечерва (21 часот) во „Јавна соба“, оди со мото Млади брендови во подем, за да ги поттикне и поддржи локалните дизајнери во освојувањето на регионалниот и меѓународниот пазар, но и да им даде самодоверба за повидливо присуство на домашниот пазар.
Манифестацијата ќе трае до 27 ноември, а земја во фокус е Австрија од каде доаѓаат 28 изложувачи. Според организаторите, се поставува платформа која ќе ги надгради досега стекнатите организациски и комуникациски искуства. Главната програма традиционално се задржува на промоција, презентација, едукација, кулинарство и забава.
Најавено е гостување на Зоран Једрејчиќ, еден од најуспешните дизајнери во регионот, кој ќе го претстави концептот на Белградскиот саем за мебел, односно новата акција за Дизајн брендови од регионот и нивно директно поврзување со меѓународни купувачи и дистрибутери.
Ќе биде претставена и платформата „Балканска дизајн мрежа“, а првпат ќе бидат доделени и награди за најперспективен бренд и за студентски дизајн. На програмата се и две работилници за деца, концерти секоја вечер на сцената во „Јавна соба“ и кулинарски настани.