РУСКИОТ КОНВОЈ КАЈ КИЕВ Е ПРЕГРУПИРАН НА НОВИ ПОЗИЦИИ, БРИТАНИЈА ВЕЛИ ДЕКА СЕ ОЧЕКУВА НАПАД НА ГРАДОТ

    РУСКИОТ КОНВОЈ КАЈ КИЕВ Е ПРЕГРУПИРАН НА НОВИ ПОЗИЦИИ, БРИТАНИЈА ВЕЛИ ДЕКА СЕ ОЧЕКУВА НАПАД НА ГРАДОТДел од конвојот е на позиции во околните градови, а дел е придвижен кон север (Фото: Максар)

    Новите сателитски снимки од американската компанија „Максар“ покажуваат дека големиот руски воен конвој кај Киев сега во голема мера е раширен и прераспореден. Велика Британија смета дека Русите би можеле да го нападнат главниот град за неколку дена.

    Според компанијата, дел од конвојот е на позиции во околните градови, а дел е придвижен кон север, со артилерија поставена во напаѓачка позиција. Снимките покажуваат маневри на руските оклопни единици во и околу градовите близу аеродромот во Хостомел на северозападната периферија на Киев.

    „Русија веројатно се обидува да ги обнови и репозиционира своите сили за нови офанзивни активности во наредните денови. Тоа веројатно ќе вклучи и операции кон Киев“, соопшти британското министерство за одбрана, повикувајќи се на разузнавачки податоци.

    Од Пентагон велат дека руските сили се придвижиле пет километри поблиску до Киев во изминатите 24 часа, што значи дека сега се оддалечени само 15-ина километри од центарот на градот.

    „Руските сили исто така се обидуваат да му се доближат на градот од североистокот и сега се оддалечени 40 километри“, кажаа од Пентагон, додавајќи дека северниот град Чернигов е изолиран.

    Конвојот долго време бил заглавен на автопат северно од Киев, при што бил гаѓан со противтенковски проектили, велат американски извори. Во изминатите денови имало жестоки борби во гратчињата Ирпин и Буча, кои се само неколку километри северозападно од Киев.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира