Нема трага од руската новинарка која синоќа упадна во програмата на државната телевизија „Канал еден“ со антивоен транспарент и ја осуди руската медиумска пропаганда. Марина Овсјаникова, која била уредничка и продуцентка во телевизијата, била приведена по протестот, кој се смета за најжестока осуда на руската инвазија на Украина досега.
Нејзиниот транспарент „Не на војна, запрете ја војната, не верувајте на пропагандата, ве лажат тука“, со кој застана зад водителката на вечерните вести, беше видлив неколку секунди, пред програмата да биде прекината. Овсјаникова исто така може да се чуе како извикува „Запрете ја војната“.
Кремљ го опиша протестот како хулиганизам, додека Обединетите нации повикаа да не биде казнета.
Адвокатите на Овсјаникова велат дека ја бараат, но не знаат каде е.
„Цела ноќ ја барав, на телефон не се јавуваше. Тоа значи дека ја кријат од нејзините адвокати и се обидуваат да ја лишат од правна помош. Очигледно се спремаат да ја гонат на најстрог начин“, изјави адвокатката Анастасија Костанова.
Нејзините адвокати веруваат дека на Овсјаникова ќе ѝ се суди според неодамна донесениот закон кој забранува ширење „лажни вести“ за инвазијата на Украина, за што може да се добие до 15 години затвор.
Пред да упадне во програмата, Овсјаникова оставила снимена видеопорака, во која ги опиша настаните во Украина како злосторство и кажа дека се срами што учествувала во ширењето на пропагандата на Кремљ.