АПЕЛАЦИЈА ПРЕСУДИ САВЕВСКИ И КУНОВСКИ ДА ЈА ПЛАТАТ ШТЕТАТА ОД 8.500 ЕВРА ЗА ИСКРШЕНАТА КАНЦЕЛАРИЈА НА ИВАНОВ ОТКАКО TOJ АМНЕСТИРАШЕ КРИМИНАЛЦИ

    АПЕЛАЦИЈА ПРЕСУДИ САВЕВСКИ И КУНОВСКИ ДА ЈА ПЛАТАТ ШТЕТАТА ОД 8.500 ЕВРА ЗА ИСКРШЕНАТА КАНЦЕЛАРИЈА НА ИВАНОВ ОТКАКО TOJ АМНЕСТИРАШЕ КРИМИНАЛЦИПротестите по аболицијата траеја два месеца низ цела Македонија, поради тоа што претседателот амнестираше осомничени за тежок криминал. На ѕидот од Канцеларијата на Иванов долго време стоеше графитот „фикус низаеден“. (Фото: СДК.МК)

    Хелсиншкиот комитет за човекови права изрази незадоволство и разочарување од пресудата на Апелациониот суд Скопје, со која е изречена условна осуда од 6 месеци затвор за обвинетите Здравко Савески и Владимир Куновски, кои воедно се задолжени солидарно да платат износ од половина милион денари за материјалната штета предизвикана од кршењето на претседателската канцеларија за време на протестите на Шарената револуција во 2016.

    „Се работи за настан од 12 април 2016 година, кога тогашниот претседател Ѓорѓе Иванов објави општа аболиција на 56 лица, со која најмногу беа опфатени политичари од тогашната власт засегнати од истрагите на СЈО и неколкумина политичари од тогашната опозиција. Оваа одлука на претседателот беше дочекана со жестока реакција од граѓаните, кои истиот ден спонтано го изразија својот револт, собирајќи се пред неговата канцеларија во центарот на градот. Репресивниот полициски апарат на тогашната власт веднаш ја покажа својата жестокост, но и селективност во справувањето со демонстрантите. Од целата толпа – шест лица беа приведени и ставени во куќен притвор, а обвинителството брзо спреми обвинителни акти за водење судски кривичен прогон“, се навраќа Хелсиншкиот комитет за експедитивноста на тогашното обвинителство да побрза да ги гони тие што први протестираа против претседателот што помилува криминалци – Ѓорге Иванов.

    Протестите против аболицијата траеја два месеца низ цела Македонија поради тоа што претседателот амнестираше осомничени за тежок криминал, од нив произлезе Шарената револуција. На ѕидот од Канцеларијата на Иванов долго време стоеше графитот „фикус низаеден“.

    Од една страна, казнувањето и справувањето со високиот криминал на функционерите оди бавно, доведувајќи до застареност на кривичното гонење за дела кои вклучуваат милионски суми проневерени буџетски средства, политичка репресија или незаконито следење на граѓаните, потсетува Хелсиншки.

    „Од друга страна, за граѓани што се одважија и се спротиставија на криминалната аболиција, судските постапки траат шест години и се изрекуваат драконски казни за нивниот активизам“, велат оттаму.

    Поразително е тоа што судовите целосно го игнорираат контекстот во кој се случило делото, односно дека ги занемаруваат причините за граѓанскиот револт во критичниот ден – срамната аболиција која беше кулминација на режимското владеење, заробувањето на институциите и погазувањето на правната држава, остро забележува Хелсиншкиот комитет.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира