Од минатата недела интензивно се работи на проектот „Изградба на смарт парк – Градски парк Куманово“, кој го имплементира Центарот за развој на Североисточниот Плански Регион. Проектот предвидува реконструкција на постоечките и изградба на нови рекреативни содржини, како и инсталирање на нова модерна урбана опрема, единствена во градот. Краен корисник на смарт-паркот е Општина Куманово, која ќе мора да обезбеди физичко обезбедување, ако сака да ги сочува новите содржини од вандали.
Вредноста на целата инвестиција е од 11,22 милиони денари (околу 180 илјади евра), а парите ги обезбеди Биротот за регионален развој и Министерството за локална самоуправа од програмата за рамномерен регионален развој за 2021/2022 година.
„Проектот предвидува изградба на ново кошаркарско игралиште, парк за миленици, изградба на нови пешачки патеки, како и изградба на паркинг простор. Во рамки на проектот кој е смарт, предвидено е поставување соларни канделабри, паметни кантички коишто ќе имаат сензори што ќе јавуваат кога се преполни за да може ЈП „Чистота и зеленило“ навреме да ги исчисти, а предвидено е и поставување смарт клупи, преку коишто посетителите ќе можат да користат интернет конекција“, вели координаторот на проектот Владимир Павловски, од Центарот за развој на Североисточниот Плански Регион.
Предвидено е градежните работи да завршат до крајот на септември, но се очекува дека тоа ќе се случи многу порано.
Градскиот парк, зад Автобуската станица е најстар парк во Куманово, изграден во 1930-те години. Се простира на површина од 38 илјади квадратни метри, со голем број листопадни дрвја, пред сè јасен, тополи, липа и диви костени. Паркот со години е запуштен и граѓаните бараа од локалната власт да го реконструира и уреди, бидејќи во Куманово недостасуваат места за рекреација и прошетки.
С. НИКОЛИЌ