Учениците од основните училишта да не носат маски, а факултетите да почнат со настава со физичко присуство, одлучи Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид-19. Со тоа се прифатени препораките на Комисијата за заразни болести и сега само се чека Владата да ги усвои на следната седница.
“Учениците во основните училишта да посетуваат настава без маски, освен ако ученикот по сопствена волја не бара да носи заштитна маска. За наставниците и останатите вработени во училиштата останува препораката за носење маски. Кризниот штаб донесе заклучок до Владата да ја достави и препораката за физичко присуство на наставата на факултетите, со силен апел за вакцинација и на студентите и на образовниот кадар“, велат од Владата.
На оваа седница Штабот одлучи да ѝ предложи на Владата да ја измени одлуката за максимална исполнетост на капацитетите во затворен простор од досегашните 50% да се зголеми на 75% со задолжително носење заштитни маски и почитување на останатите протоколи за заштита од ковид.
Прифатен е и заклучокот на Комисијата за заразни болести Владата да го укине делот од протоколот за угостителските објекти со кои се бара сертификат за вакцинација за отворените простори на локалите, додека за затворените делови останува обврската за задолжително поседување сертификат за вакцинација или за прележаност од ковид-19.