Украинските и руските преговарачи ќе седнат на иста маса денеска во Истанбул, продолжувајќи ги мировните преговори по повеќе од две недели пауза, при што Киев бара прекин на огнот без да ги доведува во прашање територијалниот интегритет и суверенитетот.
Украина и САД велат дека имаат мали надежи за денешните преговори, кои се случуваат додека руската инвазија е во застој на повеќе фронтови. Ситуацијата и натаму е најтешка во Мариупол, каде што, според локалните власти, досега загинале речиси 5.000 луѓе.
„Нема да тргуваме со луѓето, земјата или суверенитетот. Минималната програма ќе бидат хуманитарните прашања, а максималната програма да се постигне договор за прекин на огнот“, изјави министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Колеба, во пресрет на преговорите.
И портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, призна дека досегашните преговори не дале никаков значителен напредок, но додаде дека е важно да се продолжи со директни контакти. Тој одби да даде повеќе информации.
Украинскиот претседател Зеленски ноќеска го повика западот да ја казни Русија со уште посилни санкции, вклучувајќи ембарго на руската нафта.