Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК), од 11 април ќе започне со генерален штрајк во училиштата и градинките. Тие сметаат дека се безуспешни вчерашните преговори со претставниците на Владата за нивните барања за 18,5 отсто поголеми плати во образованието.
Владата, пак, по вчерашната средба со Синдикатот, соопшти дека договорот е да има континуиран дијалог до постигнување договор меѓу двете страни.
„На средбата се разговараше за барањата на СОНК и на неа е донесен заеднички заклучок дека Владата е отворена за континуиран дијалог со цел изнаоѓање одржливи и системски решенија кои ќе постават рамка која ќе го заштити стандардот и интегритетот на наставниот кадар, а со акцент на стартната позиција врзана со социјалниот статус на вработените во воспитно-образовниот систем како основ за понатамошните разговори“, се вели во соопштението на Владата.
СОНК не отстапува од барањето платите во образованието да се усогласат со минималната плата, која од април се зголемува на 18.000 денари. Синдикатот бара минималната плата во иднина да биде основицата со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работните места во образовниот сектор. Програмската определба на Владата е минималната плата уште да расте, па така автоматски со закон би растела и платата на воспитувачот.
Дека заканата од генерален штрајк е сериозна, Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија повика денеска во 15.30 часот на предупредувачки протест, кој ќе почне од Собранието, со марш кон Владата.