Град Скопје веќе нема да дава пари за кампот за деца со социјален ризик на Кристина Арнаудова затоа што смета дека пејачката и нејзиниот сопруг се политички фигури кои на овој начин со буџетски средства се самопромовирале, кажа денеска Даниел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје, и ги нарече истакнати партиски активисти на СДСМ.
Тој вели дека Градот Скопје, заедно со Црвениот крст, веќе спроведува летен камп за деца со социјален ризик опфаќајќи ги и децата што биле опфатени со проектот на Арнаудова и нејзиниот сопруг.
Зборувајќи за проектот на Арнаудова, Апостолоски кажа дека СДСМ и претходното градско раководство треба да ѝ објаснат на јавноста зошто се давале парите на граѓаните на проекти на партиски подобни организации.
„Нема да се дозволи СДСМ да врши притисок и хајка со цел парите на граѓаните да се доделуваат на нивни истакнати активисти“, рече тој.
Апостолоски кажа и дека проектот на Арнаудова од Град Скопје добил по 250 илјади денари во 2019 и 2020 година, како и 200 илјади денари минатата година.