СРЕДНОШКОЛЕЦ СО АУТИЗАМ ОД БИТОЛА ГИ СВИРИ МОЦАРТ И БЕТОВЕН НА ПИЈАНО

    Иван Стефановски настапи за Денот за свесност за аутизмот во Средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола. (Фото: СДК.МК)

    Сигурно и одважно, уживајќи во мелодиите, Иван Стефановски, средношколец од Битола кој има аутизам настапи свирејќи класична музика на електрично пијано на музичко- поетскиот настан посветен на утрешниот Ден за свесност за аутизмот во Средното општинско училиште „Таки Даскало“ во Битола.

    „Прво ќе отсвирам мелодија од Моцарт, а по него веднаш доаѓа Бетовен“, рече средношколецот, а по успешната изведба откако доби аплуз го подигна палецот во знак на допаѓање.

    Тој е еден од седумте ученици со аутизам на графичката струка во ова училиште. Учи за графички уредник-дизајнер, но од мал покажува особен интертес за музиката. Научил да свири пијано, а посетува и часови по пеење. Под менторство на професорот по музичка уметност Христијан Петковиќ , го одржал првиот концерт на забавна музика, а настапувал и на музички настани организирани од Музичкото училиште во Битола и невладини организации.

    „Тој има завршено Нижо музичко училиште и доста долго се занимава со музика, свири пијано, гитара и доста е музички надарен. Секој ден сум со него, на сите часови, се дружиме и приватно, надвор од училиштето. Тука е добро прифатен. Имам позитивно искуство и го гледам тој напредок кај него“, рече психологот Рената Димановска, образован асистент на Иван.

    Координаторката на училишниот инклузивен тим, психологот Марија Младеновска – Димитровска кажа: „Секој ден треба да ни биде обоен во сино, и не само во сино туку во сите бои зашто нашето општество се состои од богатство од различности и секој ден доколку сакаме да изградиме инклузивно општество треба да придонесуваме со нашите постапки“, рече таа.

    Процесот на инклузијата во образованието е тежок и долготраен, процес на предизвици и можности, па бара материјални средства и образован кадар, рече директорот на „Таки Даскало“ Ристо Грујовски.

    „Имаме седум деца со аутизам во графичките паралелки. Се надевам дека добро се снаоѓаме за почеток, но во иднина тоа треба да се продлабочува и да се зголемува интересот за инклузијата во образованието. Имаме потреби и од технички и од материјален карактер, ни требаат специјалисти рехабилитатори“, рече Грујовски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира