Војната во Украина го наруши системот за снабдување со сточна храна, а тензијата создадена со растот на реагенсите се одразува во работата на сите субјекти во бизнисот со млеко, рече Ѓорги Петрушев, генерален директор на Битолската млекарница „Бимилк“.
„Нарушени се ланците на снабдување, особено од таму доаѓаа житарките. Тоа најмногу се чувствува во обезбедувањето на сточна храна. Но, цела таа тензија создадена со растот на реагенсите и тоа како се одразува во работењето на сите субјекти во ланецот на снабдување од примарните производители до малопродажните“, рече Петрушев.
Заради надминување на состојбата, Млекарницата даде грант за поддршка на пролетната сеидба. Инаку, Пелагонија, еден од најбогатите региони со млеко, веќе со години со соочува со намален сточен фонд, а со тоа и намалени количини на сирово млеко.
„Треба да се најде тој деликатен баланс меѓу потребата за опстанок на примарните производители и нивен развој, потрошувачите и заштитата на нивниот стандард, но и долгорочната одржливост и стабилност на преработувачите. Тоа е сега најголемиот предизвик“, рече Петрушев.
Тој додаде дека за програмата што беше објавена од Владата во 2021 година, а доцнеше поради пандемијата, деновиве се потпишуваат договори за субвенционирање на јуници , а сите млекарници стојат зад своите кооперанти преку финансиски гаранции, кредитирање на набавката или обезбедување на резерви на сточна храна.
Ж. ЗДРАВКОВСКА