Рускиот ултранационалистички политички лидер Владимир Жириновски почина на 75 години. Тој шест пати се кандидираше за претседател на Русија и беше дел од официјалната опозиција која не се противеше на Владимир Путин.
Политичката кариера на Жириновски се базираше на жестоки забелешки и бизарно однесување. Тврдеше дека осум пати се вакцинирал против ковид-19, но почина во болница неколку недели откако се заразил со коронавирусот и развил пневмонија.
Кловновскиот ултранационализам на Жириновски ги забавуваше Русите во изминатите 30 години. Неговата Либерално-демократска партија беше првата официјална посткомунистичка партија во Русија.
Во декември предвиде дека Русија ќе ја нападне Украина и речиси го погоди точниот датум на почетокот на инвазијата.
„Во четири часот на 22 февруари ќе ја почувствувате нашата нова политика. Би сакал 2022 да биде мирна, но нема да биде“, кажа Жириновски.
Во кариерата им се закануваше на балтичките држави, Германија, Јапонија и на Блиски Исток, а се прослави кога во една ТВ-дебата му истури сок во лицето на политичкиот ривал Борис Немцов.