Украинските безбедносни служби објавија дека е уапсен Виктор Медведчук, најблискиот сојузник на Путин во Украина, олигарх и опозициски политичар, опишувајќи ја акцијата како молневита и опасна. Медведчук, кој беше обвинет за предавство, избега од домашен притвор неколку дена по почетокот на руската инвазија.
Веста за фаќањето на Медведчук прв ја објави претседателот Зеленски и потоа ѝ предложи на Москва да биде разменет за заробени Украинци.
„Ѝ предлагам на Руската Федерација размена на овој ваш тип за наши момци и девојки кои моментално се во руско заробеништво“, кажа Зеленски, не откривајќи детали каде бил фатен.
Медведчук се збогатил преку бизнисот со руска нафта и блискоста со Кремљ. Владимир Путин е кум на најмладата ќерка на Медведчук, чија коалиција „Опозициска платформа – За живот“ спроведуваше проруска агенда додека тој не беше обвинет за предавство во мај 2021. Притоа беше обвинет за продавање воени тајни на Русија и за експлоатација на природни богатства на Крим под руска окупација.
Неговата 200 милиони долари вредна јахта беше запленета во Риека минатиот месец.
Во јануари, САД воведоа санкции за Медведчук и за уште тројца украински политичари поддржани од Москва, обвинувајќи ги за заговор за поставување проруска влада во Киев по инвазијата.