Клиниката за радиотерапија и онкологија во Скопје, според последните податоци од Министерството за финансии, се задолжила со 10.5 милиони евра со што се вбројува меѓу поголемите должници од државните установи во земјава. Од Клиниката не одговорија на прашањата на САКАМДАКАЖАМ.МК дали ова е точниот износ кој го должат и колку време се провлекуваат долговите. Но, тврдат дека моменталната состојба не ја попречува дејноста на здравствената установа и дека се во преговори со Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) да најдат решение за проблемот.
„Клиниката досега работи непречено согласно дејноста што ја обавува, покривајќи ги сите пациенти навремено со пропишаната терапија. ЈЗУ УК за радиотерапија и онкологија се труди сите обврски да ги подмири во валидниот рок“, ни одговорија од Клиниката на нашите прашања колкав е долгот, како настанал, дали ја отежнува работата на Клиниката и како ќе се подмири толку голема сума.
Од Фондот за здравствено осигурување велат дека дел од долговите се создадени како резултат на набавки за лекови кои не се на позитивната листа. Велат и дека се водат разговори за наоѓање решение да се надмине кризата со лекови на Клиниката за онкологија.
Оваа јавна здравствена установа има долгогодишната традиција на лекување пациенти болни од малигни болести и нејзиното непречено функционирање е од голема важност за болни од цела Македонија.
Од другите јавни здравствени установи според последните достапни податоци на Министерството за финансии, најголеми должници се Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје со речиси 8 милиони евра, генерирани додека болницата беше најголем ковид центар во државата. Клиниката за трауматологија, ортопедија и ургентна медицина (ТОАРИЛУЦ) должи 4,7 милиони евра. Исто толку должи и болницата во Кичево. Кумановската болница должи 3.9 милиони евра, а Охридската болница околу 3 милиони евра.
Според Министерството за финансии, јавни и државни претпријатија, општини, болници, училишта пријавиле дека имаат долгови од вкупно 617,5 милиони евра, Меѓу нив АД ЕСМ со неплатени обврски од вкупно 72 милиони евра, од кои над 50 милиони треба да доспеат годинава, а над 14 милиони евра во 2023. Клиниката за онкологија се задолжила со 10,5 милиони евра, а Општина Гостивар 6,4 милиони евра. Водостопанство Скопје евидентирало долгови од 5,7 милиони, а Јавното комунално претпријатие Тетово 5,5 милиони евра неплатени обврски. Следува ЈП Водовод Охрид со 4,9 милиони евра долг и други.
Ж. ЗДРАВКОВСКА