Со векови, Изјум важеше за порта кон регионот Донбас, а оттаму кон Црното Море. Неговата стратешка позиција го направи жестоко бојно поле во руската инвазија на Украина, бидејќи Москва го користи како полигон за напади врз украинските сили во Донбас.
Градот оддалечен 110 километри од Харкив е под целосна контрола на Русија од 1 април и таму е најголемата концентрација на руските сили во Украина. Киев стравува дека Изјум ќе стане нова Буча, додека илјадници цивили се заглавени во градот, а 80% од станбените објекти се уништени.
„Пред војната, Изјум имаше 46.000 жители. Не знаеме каква е ситуацијата таму. Последната организирана евакуација беше на 10 март. Сега кога градот е окупиран, рацете ни се врзани. Меѓу 10.000 и 15.000 жители остануваат заглавени и нивната судбина е неизвесна. Околу 1.000 цивили загинале во бомбардирањата и воздушните напади“, изјави градоначалникот на Изјум, Валери Марченко, кој успеал да излезе од градот пред да биде освоен.
Руските сили со недели го напаѓале Изјум, кој е поделен на јужен и северен дел од реката Сиверски Донец.
„Русите прво се обидоа да влезат во северниот дел. Нашата војска ги урна мостовите, па речиси три недели не можеа да го освојат јужниот дел. По безброј обиди, конечно ја преминаа реката и по една недела ја презедоа контролата врз јужниот дел“, вели Марченко.
Изјум сега е центар за руските сили и неговото освојување им овозможи да ја доближат артилеријата 50-ина километри кон областите во Донбас кои се под контрола на Украина.
„Во Изјум пристигнаа многу руски трупи и опрема од Киев и Чернихив. Тие ги концентрираат своите трупи за натамошни напади на Донбас“, кажа Марченко.