Синдикатот на македонската дипломатска служба соопшти дека австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц грубо ја прекршил дипломатската практика и во соработка со македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски ја довел македонската јавност во сериозна заблуда за карактерот на неговиот престој во Македонија на австрискиот партиски функционер.
Во соопштението испратено од Синдикатот на МНР се вели дека Курц зел активно учество во политичкиот живот на нашата држава преку појавувањето на митинг на владеачката партија како дел од предизборната кампања.
„Дури и австриското МНР да му ги платило трошоците на Курц за овој престој – извесно е дека прво и основно тој се појавил на партиски митинг, па дури потоа се „преоблекол“ во државничко руво и – станал министер“, се вели во соопштението и се додава дека тоа е „недопустиво во дипломатската практика, а тоа значи во практиката на тнр. „дипломатија на врвот“ односно за политичарите кои вршат определена дипломатска функција.
„Партискиот функционер не е дипломат и заради тоа е недопустиво да се крие зад дипломатски пасош. И, не постои обврска на страна на земјата на приемот да го прими партискиот функционер во посета на нејзината територија“, стои во реакцијата на дипломатскиот синдикат.