МАКЕДОНИЈА СКОКНА ЗА 33 МЕСТА НА СВЕТСКИОТ ИНДЕКС ЗА СЛОБОДА НА МЕДИУМИТЕ, РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ ГО ПРЕСМЕТА СО НОВА МЕТОДОЛОГИЈА

    МАКЕДОНИЈА СКОКНА ЗА 33 МЕСТА НА СВЕТСКИОТ ИНДЕКС ЗА СЛОБОДА НА МЕДИУМИТЕ, РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ ГО ПРЕСМЕТА СО НОВА МЕТОДОЛОГИЈАМакедонија годинава е на 57 место. (Фото: Репортери без граници)

    Македонија годинава е на 57 место на Светскиот индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници, со напредок од 33 места од 2021. Репортери без граници годинава има нова методологија за пресметка на Индексот, која ја дефинира слободата на медиумите како „ефективна можност за новинарите, како поединци и како групи, да избираат, произведуваат и дистрибуираат вести и
    информации од јавен интерес, независно од политички, економски, правни и социјални мешања и без закани за нивната физичка и ментална безбедност“. Со цел да се одрази сложеноста на слободата на медиумите, сега се користат пет нови индикатори за да се состави Индексот: политички контекст, правна рамка, економски контекст, социокултурен контекст, и безбедноста.

    Состојбата во Македонија според овие 5 индикатори е задоволителна за правната рамка, за социокултурниот контекст и за безбедноста, проблематична е за политичкиот контекст, а тешка за економскиот контекст.

    Во резимето за Маедонија се вели: „Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.

    За медиумскиот пејзаж во земјава се вели: „Иако телевизијата е доминантен извор на информации, онлајн медиумите играат важна улога. Сепак, мора да се направи разлика помеѓу професионални онлајн редакции кои вработуваат професионални новинари и објавуваат оригинална содржина, и поединечни портали кои вршат плагијат и препишуваат таква содржина. Исто така, постои голем јаз помеѓу гледаноста и довербата: најгледаните ТВ станици имаат низок индекс на доверба.

    За политичкиот контекст се укажува дека транспарентноста не институциите е слаба и дека поради силната политичка поларизација врз медиумите има притисок од властите, политичарите и бизисмените, а двете најголеми партии (на власт и во опозиција) креирале паралелни медиумски ситеми со кои го вршат своето политичко и економско влијание.

    Судската злоупотреба на Законот за граѓанска одговорност за клевета поттикнува самоцензура во медиумите. Тужбите се користат како алатка за заплашување и притисок врз независните медиуми, се вели во делот за законска рамка и се укажува дека медиумското законодавство во земјава се уште не е усогласено со европското.

    За економскиот контекст се вели: „Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои од главните ТВ канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Има тргување со влијанија помеѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи“.

    Најголем напредок во регионот има Црна Гора за 41 место, Бугарија за 21, Косово за 17 и Србија за 14 места, а најголем пад Грција за 38, Албанија за 20, Словенија за 18 места.

    Триото нордиски земји на врвот на индексот – Норвешка, Данска и Шведска – продолжува да служи како демократски модел каде има слобода на изразување, додека Молдавија (40 место) и Бугарија (91) се издвојуваат оваа година благодарение на промената на владата и надежта што ја донесе за подобрување на состојбата за новинарите дури иако олигарсите сè уште ги поседуваат или контролираат медиумите.
    Ситуацијата е класифицирана како „многу лоша“ во рекорден број од 28 земји во овогодинешниот Индекс, додека 12 земји, вклучувајќи ги Белорусија (153) и Русија (155), кои се на црвената листа на Индексот (што укажува на „многу лоши“ ситуации со слободата на медиумите) на картата. Меѓу 10-те најлоши земји во светот за слобода на медиумите вклучуваат Мјанмар (176), каде што државниот удар од февруари 2021 ја врати слободата на медиумите за 10 години, како и Кина, Туркменистан (177), Иран (178.), Еритреја (179) и Северна Кореја (180).

    „20. Светски индекс за слободата на медиумите открива двојно зголемување на поларизацијата засилена со информациски хаос – односно, медиумската поларизација ги подгрева поделбите внатре во земјите, како и поларизација меѓу земјите на меѓународно ниво. Светскиот индекс, кој ја проценува состојбата на новинарството во 180 земји и територии, ги нагласува катастрофалните ефекти на вестите и информацискиот хаос – ефектите од глобализираниот и нерегулиран онлајн информациски простор кој поттикнува лажни вести и пропаганда. Во демократските општества, поделбите растат како резултат на ширењето на медиумите за креирање мислење кои го следат „моделот на Фокс њуз“ и ширењето на дезинформациски кола кои се засилуваат со начинот на кој функционираат социјалните медиуми. На меѓународно ниво, демократиите се ослабени поради асиметријата меѓу отворените општества и деспотските режими кои ги контролираат нивните медиуми и онлајн платформи додека водат пропагандни војни против демократиите. Поларизацијата на овие две нивоа поттикнува зголемена напнатост“, велат од Репортери без граници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира