Полн беше Даут пашин амам на синоќешното отворање на изложбата на Димитар Кондовски, еден од најзначајните македонски современи сликари. Тоа не е само првата ретроспектива на големиот уметник во последните три децении, туку е и исклучително ретка можност да се ѕирне во неговата домашна колекција на слики.
Од 95 изложени дела, само пет се позајмени од други места, а останатите 90 грижливо ги чува семејството, при што повеќето од нив не се видени во јавност уште од времето кога Димитар Кондовски беше жив.
Ремек-дело до ремек-дело, изложбата ги опфаќа сите фази од творештвото на Кондовски, прикажувајќи како тој се менувал и развивал стилски низ децениите, без да изгуби трунка од својата генијалност и креативност.
Кондовски (1927-1993) дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград во 1952, во 1958 бил на студиски престој во Париз, а во 1961/62 специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1972 до 1980 бил професор на Педагошка академија во Скопје, а потоа предавал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје до 1987. Самостојно излагал во Скопје, Загреб, Рим, Зрењанин, Нови Сад, Тетово, Белград, Њујорк, Сиетл и Торонто, автор е на голем број театарски и телевизиски сценографии, а има опремено и стотици публикации со повеќе од 2.000 илустрации.
Изложбата ќе биде отворена во следните три месеци.
Г. КОНЕВ