Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп соопшти дека целосно го напушта бизнисот за да се сконцентрира на претседателствувањето и за да избегне конфликт на интереси. Трамп кажа дека ќе ги соопшти неговите планови на прес-конференција со неговите деца следниот месец. Претходно, тој ги отфрли обвинувањата околу потенцијален конфликт на интереси меѓу неговите бизниси и претседателството.
Трамп го соопшти планот за дистанцирање од бизнисите во серија од четири твита, објавени денеска во рок од 20 минути.
„Ќе одржам важна прес-конференција во Њујорк со моите деца на 15 декември за да го дискутирам фактот дека ќе го напуштам мојот голем бизнис целосно за да се сконцентрирам комплетно на водењето на државата со цел да ја направиме Америка голема повторно. Иако не сум приморан со закон да го направам ова, сметам дека е важно, како претседател, да немам никаков конфликт на интерес со моите разни бизниси. Затоа, веќе се подготвуваат правни документи со кои целосно ќе бидам настрана од бизнис операциите. Претседателството е далеку поважна задача!“, соопшти Трамп на социјалната мрежа.
Трамп, кој ќе ја преземе претседателската функција на 20 јануари претходно за „Њујорк тајмс“ изјави дека размислува да ги оддели двете области, но и дека е убеден дека може да да ги работи двете совршено. Неговите три деца веќе имаат важни улоги во неговиот бизнис.