Директорот на скопската Зоолошка градина Кристијан Стаменов вели дека изминатиов период се вршат саботажи во работењето на градината преку упади, кражби и загрозување на безбедноста на животните. На денешната прес-конференција Стаменов кажа дека најпрво на 10 април група од 12 лица неовластено влегле во градината 15 минути пред нејзиното затворање, по што веднаш била повика полиција да ги отстрани лицата.
„На 28 април од службите во Зоолошката градина е направен увид во живеалиштата на животните и е констатирано дека се пресечени неколку катанци, по што биле пуштени неколку животни, во рамки на просторот во зоолошката градина. Истото е пријавено и констатирано рано утрото од страна на негувателите кои дошле на работа дека се работи за видливо и намерно пуштање на неколку животни од нивните живеалишта“, вели директорот Стаменов.
Последниот настан е обидот за кражба со обивање на билетарата кој се случил викендов после рекордната посетеност во Зоолошката градина од над 14.000 посетители. На безбедносните камери се гледа како лице во два наврати се обидува да го обие влезот на благајната, но не успеал во тоа. Како што се гледа на снимката не можел да го обие влезот на билетарата и благајната по што настаната е незначителна материјална штета. Истиот настан веднаш по случувањето уште вечерта е пријавен во полициска станица Карпош.
„Сметаме дека сите овие обиди наликуваат на намерна саботажа на работата и функционирањето на самата Зоолошка градина. Треба да се прашаме на кого му пречи успешноста на Зоолошката градина. Остро ги осудуваме сите овие обиди да се наштети на нашата работа, но и на безбедноста на животните, се надеваме дека службите од Министерството за внатрешни работи ќе работат интензивно на откривање на сторителите, со цел да се спречи и понатамошни вакви обиди“, вели Стаменов.
Во градината сега е зголемено присуството на обезбедување во ноќната смена.
А. АНТЕВСКА