Екипата на ЖФК Љуботен од Тетово е првак во натпреварувачката сезона 2021/22. Тетовки вчера, во последното коло од сезоната од Првата женска фудбалска лига, како гости во Дојран, ја победија екипата на ЖФЦ СЦ Истатов со резултат 3:1.
„Сите три голови ги постигна Присцила Едите Силва во првото полувреме, во 9., 26. и 31. минута. Единствениот гол за домаќинките го постигна Петрушевска во 84. минута“, информираа од ЖФК Љуботен.
Екипата ја оствари целта на гостувањето кај ЖФК СЦ Истатов во Дојран, дојде до три бода и така го одбрани првото место во последното коло, на кое атакуваа уште ЖФК Тиверија од Струмица и ЖФК Каменица Саса.
ЖФК Љуботен стана шампион со вкупно 55 бодови. Во 22-те кола, овие 55 бодови се обезбедени со 17 победи и четири нерешени дуели и само еден пораз.
З. АНДОНОВ