Српскиот претседател Александар Вучиќ предложи трите земји од иницијативата „Отворен Балкан“ веднаш да формираат работни групи за заедно да ги надминат потешкотиите околу снабдувањето со храна и од областа на енергетиката, во воведното обраќање на денешниот самит на лидерите на Македонија, Србија и Албанија во Охрид.
„Ова е толку добра идеја и од година во година ќе има сè повеќе поддржувачи на нашите три земји. Сите останати се добредојдени. Но, јас секогаш сакам со суштина да ги пополниме нашите односи. И затоа сметам дека е важно да формираме работни групи веднаш или на следната средба за која предлагам да биде некаде во јужна Србија кои што ќе се погрижат како заедно да ги надминеме потешкотиите околу снабдувањето со храна и од областа на енергетиката, како и меѓусебно да си помогнеме да ја преживееме зимата, затоа што мислам дека тоа е од најголем интерес на граѓаните на нашите три земји. Поканети се и претставниците на Црна Гора, БиХ и Приштина“, рече Вучиќ.
Српскиот претседател кажа дека горд што иницијативата „Отворен Балкан“ на почетокот никој не ја следел и никого не го интересирала и сите мислеле дека е осудена на пропаст, а сега во Охрид не може да се влезе од „сите заинтересирани за напредокот на целиот регион“.
„Ова е наша иницијатива, ова е иницијатива на оние кои сфатија дека мора да се поврзат и дека можат сами да си ги решат проблемите. Постои нешто што се гледа во односите меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија. Ние речиси немаме билатерални проблеми, успеавме да решиме некои проблеми кои што стоеја меѓу нас 50-60-70 години. Немаме никакви барање кон никого, освен да бидеме пријатели, да соработуваме и да работиме во интерес на нашите граѓани“, додаде Вучиќ.