ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ СО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН СЕГА ВЕЌЕ Е И СТРАТЕШКО И БЕЗБЕДНОСНО ПРАШАЊЕ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ НА „ОТВОРЕН БАЛКАН“ ВО ОХРИД

    ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕУ СО ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН СЕГА ВЕЌЕ Е И СТРАТЕШКО И БЕЗБЕДНОСНО ПРАШАЊЕ, КАЖА КОВАЧЕВСКИ НА „ОТВОРЕН БАЛКАН“ ВО ОХРИДКовачевски додаде дека војната во Украина е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот. (Фото: Влада)

    Цела Европа, и ние земјите од регионот, се соочуваме со сериозни последици од воената, енергетската, економската и здравствената криза. Во вакви услови ние сме си природно упатени едни на други. Конечно, ние се разбираме, се помагаме едни со други и најважно, после долго време, имаме заедничка цел, заедно да одиме напред, рече денеска во Охрид македонскиот премиер Димитар Ковачевски на отворањето на самитот на „Отворен Балкан“.

    „Иницијативата Отворен Балкан е наша заложба за стабилен регион, владеење на мир, за соработка и за економски развој. Ова е нашата заложба за подобар живот на нашите народи. Наша автохтона иницијатива за европеизација на регионот“, истакна премиерот Ковачевски нагласувајќи дека Отворен Балкан заеднички ќе се промовира како регионална атрактивна туристичка дестинација, но и соработка во областа на културата и пазарот на трудот.

    „Нашата политичка цел е јасна и единствена, Западен Балкан мора да стане дел од Европската Унија. Местото на секоја земја од регионот е во Европската Унија. По тој пат одиме. Заедно се европеизираме. Земјите од Западниот Балкан се тесно поврзани. Кога има напредок во една земја, тоа е поттик за напредок кај другите соседи. Европски е да се помагаме, а не да се кочиме и блокираме, истакна Ковачевски.

    Ковачевски додаде дека војната во Украина е ризик за зголемено влијание на трети страни во регионот.

    „Затоа сите мораме да бидеме исклучително внимателни и подготвени. Оставањето геостратегиска празнина во нашиот дел од Европа не е опција. Ние сме тие што мораме да ја пополниме таа празнина и затоа постои Отворен Балкан што е наша, автохтона, органска иницијатива создадена од нашите институции, сериозно поддржана од сите народи и етникуми кои живеат во нашите држави“, кажа Ковачевски.

    Според него од исклучителна важност е Европската Унија и земјите членки максимално одговорно да прифатат дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан сега веќе е и стратешко и безбедносно прашање.

    „Нашата визија за Балканот во 21. век е визија за напреден регион интегриран во Европа каде мирот, стабилноста и развојот веќе никој не ги доведува во прашање. Ние дејствуваме прагматично и економски и со тоа ќе создадеме услови за големи инвестиции во нашиот регион, а тоа ќе значи повеќе работа и подобро платена работа за нашите млади. и нашите граѓани. Бараме ЕУ да го поддржи овој наш напор и да го препознае како инспирација за решавање на сопствените проблеми“ порача македонскиот премиер.

    Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, кажа дека „Отворен Балкан“ е иницијатива на оние коишто сфатија дека мора да се поврзат и дека можат сами да ги решат своите проблеми.

    „Меѓусебни билатерални проблеми немаме. Успеавме да ги решиме проблемите кои стоеја меѓу нас 50, 60 и 70 години. Немаме никакви барања меѓу себе освен да бидеме пријатели да соработуваме и да работиме во интерес на нашите граѓани“ рече Вучиќ.

    Тој оцени дека напредокот во Регионот е огромен но дали ќе се отворат преговори зависи од некој друг.

    „Она што секогаш зависи од нас е тоа како со соседите ќе живееме, како ќе разговараме, дали ќе им помогнеме на соседите и дали тие ќе ни помогнат нам. Ние очекуваме дополнителни хеликоптери кои веќе купивме специјализирани за гасење пожари затоа што очекуваме дека ќе имате жешко лето и ќе бидеме подготвени во секој момент и да интервенираме да им помогнеме на нашите албански и македонски пријатели многу поефикасно отколку што тоа го направивме минатата година“, рече Вучиќ.

    Албанскиот премиер Еди Рама кажа дека во Албанија над 60 проценти од населението го поддржуваат „Отворен Балкан“.

    „Војната во Украина не ја очекувавме за да научиме дека помеѓу Србија и Русија постои одредена историја, дека помеѓу Србија и Косово се уште постои нерешен спор. Овие работи и претходно сме ги знаеле но останувајќи посветени кон иднината ние сме ја одбрале втората опција. Убедени сме дека проблемите можеме да ги решиме доколку сфатиме дека сме битни едни за други“, рече Рама.

    С. ВРЕНЦОВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира