Вишото јавно обвинителство Гостивар, кое гони криминалци во втор степен и треба да е на страната на државата и на оштетените граѓани, застанува на пресудите на Апелациониот суд Гостивар какви и да се тие, и не поднесува жалби до Врховниот суд.
Според податоците кои ги добивме од Врховниот суд, жалба од ВЈО Гостивар до нив не е поднесена воопшто не само минатата, туку и оваа година. Редовна жалба ВЈО поднесува по јавна расправа во Апелациониот суд, а такви за споменатиот период имало 10-тина. Место Гостиварското вишо обвинителство да е коректив на судиската постапка, тоа генерално е задоволно од пресудите и воопшто не знае дека постои и трет степен – Врховниот суд.
Карактеристично е и што од јавните обвинителства на од гостиварското подрачје, во 2021 година нема ниту еден поднесен предлог за конфискација на имот кој потекнува од криминал. Не постои таква постапка, а цифрата на штета на имот, не е за занемарување. Барање за конфискација на имот од подрачјето на ВЈО Гостивар нема ни ова полугодие. Како во ова подрачје да нема затајување на данок, нема злоупотреби на службената положба и овластувањата, нема незаконски стекнат имот. Всушност овој механизам воопшто таму и не заживеал, констатира Советот.
Дека граѓаните во Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар се во право кога се сè помалку задоволни од правдата, зборува и тоа што во овие обвинителства се укинуваат истраги без обвинителите да ги расчистат предметите докрај. А граѓаните се чудат зошто некои истраги таму воопшто не се отвораат, или зошто мистериозно се затвораат почнати истраги. Обвинителите се чудат зошто е толку ниска довербата во нив и зошто има сомневања за корупција.
„Претседателот на Советот на јавни обвинители Антонио Јолевски се осврна и на процентот на укинати решенија. Смета дека јавните обвинители не ги расчистуваат предметите до крај пред да донесат конечна одлука. Во однос на истрагите во обвинителствата под ВЈО Гостивар бројот е мал, но кажа дека 90 отсто од нив биле во скратена постапка. Многу малку биле откриени сторителите од предметите од КО уписникот за истраги)“, е цитат од записникот од седницата на Советот за состојбата во 4-те обвинителства.
„Член на Советот се осврна на решенијата за отфрлање во ОЈО Тетово и укажа дека вишите јавни обвинители треба да внимаваат во жалбената постапка, со цел за подобрување на состојбите“, стои во записникот.
Од Вишото јавно обвинителство нема ни иницијативи до републичкиот обвинител Љубомир Јовески за да поднесе Барање за заштита на законитоста на постапката (БЗЗ). Во Апелациониот суд Гостивар велат дека имало случаи кога и самите судии ги молеле вишите јавни обвинители да иницираат БЗЗ за да им ги расчисти некои од дилемите Врховниот суд, но тие останувале незаинтересирани.
Покрај тоа што не доаѓаат предмети до Врховниот суд, во очи паднало и тоа што минатата година се помалку пријави на откриени криминалци дошле до Основните обвинителства на Тетово, Гостивар, Кичево и Дебар. Иако полицијата според Советот на јавни обвинители лани открила на ова подрачје помалку осомничени за сторен криминал, во сите овие 4 обвинителства, пораснал бројот на нерешени предмети. Сега изнесува рекордни 40 проценти нерешени предмети. Во оваа нелогичност прво е ОЈО Гостивар.
Советот дискутирал и за тоа дека само за мал дел од случаите во законскиот рок од три месеци била отворена предистражна постапка. Многу од нив застареле. Застарувањето на случаите исто така поттикнуваат сомневање кај јавноста за корупција и за нестручно и несовесно работење.
Граѓаните на овој дел од Македонија постојано се јавуваат во редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК и поплаките се главно од оштетени од кривични дела што ги пријавиле уште пред година – две. Редакцијата во неколку наврати праќаше прашања на пример– зошто и по цела година не почнува истрагата за киднапирање и 48-часовно лишување од слобода на синот на граѓанин од кичевско село, кој се јавуваше кај нас и бараше да му помогнеме.
Но, тој не им остана должен на органите на прогонот. Од странство каде што работи, го пријави кичевското обвинителство до Советот на јавни обвинители, до Антикорупциската комисија и до Врховниот суд.
Во сите овие обвинителства што спаѓаат под ВЈО Гостивар, евидентен е сè поголемиот случај на спогодби. Во судница се влегува по претходна спогодба за вина меѓу обвинетиот и обвинителот, судијата на претходна постапка носи одлука. Обвинителот не се жали понатаму, бидејќи нема право на жалба во ваков случај. И тука застанува се, но правдата според многумина не е задоволена секогаш.
Еден од тие примери е 6-месечната затворска казна против Зоран Милески – Кичеец, за сообраќајката што ја предизвика кај Стража, во која загина едно лице. Шестмина, вклучително и тој беа повредени. Милески сообраќајката ја предизвика за време на издржување на затворската казна за „Рекет“, кога беше пуштен всушност да се лекува.
На предлог на обвинител од ОЈО Гостивар, тој призна вина. Обвинителот дури бараше и условна казна за него како предизвикувач на фаталната сообраќајна несреќа кај Стража. Судијата од Основниот суд Гостивар му изрече шест месеци затвор – во отвореното одделение во Струга.
Членот на СЈО Арбер Исаку укажал дека во ВЈО Гостивар недостасуваат вкупно 14 јавни обвинители, што влијае за состојбите со кои се соочуваат јавните обвинителства од ова апелационо подрачје.
Јавниот обвинител на ВЈО Гостивар Ислам Абази укажал дека состојбата со недостиг на обвинители таму е алармантна. Член на Советот во однос на ова напоменал дека во ОЈО Кичево од предвидени 5 јавни обвинители, има само два јавни обвинитела и дека секој од нив во 2021 година имал за работа предмети за 795 лица. Укажал дека слична е состојбата и во ОЈО Тетово, каде од предвидените 10 јавни обвинители, работеле само тројца, а во моментот имало само двајца јавни обвинители, но дека наскоро ќе добијат помош во кадарот кој произлезе од завршените кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.
С. К. ДЕЛЕВСКА