По разрешувањето на претседателот на бугарскиот парламент Никола Минчев, на протест пред парламентот во Софија синоќа се собраа граѓани да му дадат поддршка. Ситуацијата стана тензична откако пред нив излезе да зборува Тошко Јорданов, пратеник од Има таков народ (ИТН), кој беше исвиркан и гаѓан со разни предмети. Потоа, кога излегоа пратениците на Возраждане, полицијата мораше да интервенира и да придружува да си заминат.
Минчев е од партијата Продолжуваме со промената на премиерот Кирил Петков и беше разрешен од ново мнозинство во парламентот кое настана откако ИТН на Слави Трифонов ја напушти владејачката коалиција. Покрај пратениците на ИТН, за разрешување на Минчев гласаа опозициските ГЕРБ, ДПС и Возраждане.
Пред собраните граѓани се обратија Петков, Минчев и претседателката на БСП Корнелија Нинова.
„Ви ветуваме дека додека сме тука и додека имаме пулс, нема да ја дадеме Бугарија на овие мафијаши. Промената дојде. Не можат да ги вратат назад. Вие сте многу, ние сме заедно. Тие немаат каде да одат“, кажа Петков.
Сообраќајот пред парламентарната зграда остана блокиран до доцна во ноќта. Тензии имаше и меѓу собраните граѓани. Полицијата интервенираше и користеше сила да ги разбие. Немаше посериозни инциденти и повредени.