НЕМА УСЛОВИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОТ СО МАКЕДОНИЈА ДО КРАЈОТ НА ФРАНЦУСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО, ВЕЛИ БУГАРСКОТО МНР

    НЕМА УСЛОВИ ЗА РЕШАВАЊЕ НА СПОРОТ СО МАКЕДОНИЈА ДО КРАЈОТ НА ФРАНЦУСКОТО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО, ВЕЛИ БУГАРСКОТО МНРБугарската министерка за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје на 4 февруари. (Фото: СДК.МК))

    Бугарија го поздравува конструктивниот пристап на Франција, но до крајот на Француското претседателство со Европскиот совет (30 јуни) нема услови да се решат отворените прашања со Северна Македонија, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи. Според бугарското МНР, францускиот предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции е добра основа за идно решавање на спорот.

    „Основниот предизвик се однесува на факторот време. Во оваа етапа веќе не постои објективна можност за исполнување на критериумите наведени во Рамковната позиција до крајот на Француското претседателство во Советот на ЕУ. Можно е до неговиот крај да станат јасни следните чекори во процесот на европска интеграција на Република Северна Македонија со сите неопходни гаранции за бугарските интереси и за правата на Бугарите во соседната држава. Бугарија го поздравува конструктивниот пристап на Франција која што спроведе средби со сите бугарски институции по однос на темата и по многу работа пројави разбирање за позициите на државата. Франција го докажа не само своето пријателство со нашата земја, туку и својата посветеност на процесот на проширување на ЕУ. Истовремено, сè уште има определени аспекти во предложените проекти за Преговарачката рамка и Заклучоците на Советото по кои што треба фокусирано да се работи за заштита на бугарскиот интерес. Клучно е да биде потпишан и двостраниот Протокол со Скопје“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

    Од бугарското МНР велат дека не можат да изготват официјална позиција затоа што нема одлука ниту на владата, ниту на Народното собрание. Бугарската влада има донесено одлука да не се произнесува по европски предлози додека не биде разгледано во Народното собрание.

    „Во оваа етапа целиот процес во целост зависи од Комисијата за надворешна политика на Народното собрание, која што сè уште нема закажано заседание за темата“, велат

    Оттаму ја повикуваат Комисијата за надворешни работи што побрзо да расправа за францускиот предлог за да може да биде формирана бугарска позиција и да бидат определени следствените дејствија за бугарската дипломатија.

    „Ако тоа не се случи во најкус можен рок, МНР има мандат единствено да се придржува до Рамковната позиција, Декларацијата на Народното собрание од 2019 година и кон заклучоците на Консултативниот совет за безбедност од 2022 година, на кои што предложениот проект за Преговарачка рамка не одговара во целост“, велат од бугарското МНР.

    Македонското МНР и македонската влада засега не сакаат да го коментираат францускиот предлог.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира