Руското министерство за финансии најави даночни измени по колапсот на буџетските приходи поради санкциите предизвикани од војната во Украина. Министерот за финансии Антон Силуанов најави реформа на даночната структура во Русија, јави руската државна агенција ТАСС.
„Ние секогаш ја прилагодуваме даночната политика на актуелната ситуација која што се обидуваме да ја решиме. Затоа, не можеме да кажеме дека даноците не се неменлива компонента“, изјави Силуанов.
Зборувајќи пред собраниската комисија за буџет и даноци, тој кажа дека промените ќе бидат балансирани.
Најавената реформа на даночниот систем доаѓа во момент кога рускиот буџет е погоден од драстичен пад на приходите. Засега, буџетот се одржува во живот со приходите од продажба на нафта и гас кои што достигнаа рекордни цени, но дури и во таква ситуација, руското министерство за финансии предвидува дека ќе ја заврши годината со дефицит од 30 милијарди долари, место со суфицит од 24 милијарди долари, како што беше предвидувањето пред да почне војната во Украина.
Истовремено, според предвидувањата на руското министерство за финансии, рускиот буџет ќе биде со дефицит и во наредните четири години.