Министерството за надворешни работи упати реакција до Француската амбасада откако во вчерашната изјава францускиот претседател Емануел Макрон измисли непостоечки термин „северномакедонци“, кога кажа дека ќе се разговара во следните часови да се одблокира процесот за тргање на ветото за пристапни преговори на Македонија со ЕУ.
Иако во целосната изјава Макрон неколкупати употреби Македонија место Република Северна Македонија, сепак МНР реагирало до Француската амбасада за навредливиот термин „северномакедонци“.
„Блиску сме до договор кој овозможува правда за бугарските барања и е компатибилен со тоа што Македонија може да го направи, потребно е видливост и доверба, во следните часови ќе има гласање на бугарскиот Парламент, ќе гледаме кон бугарскиот претседател и партиите од сегашното мнозинство, опозициските партии“, рече Макрон, и додаде дека со „северномакедонците во следните часови ќе се разгледува начин да се склучи договорот, за до идната недела да помине на амбасадорско ниво и да се деблокира процесот“.
С. К. ДЕЛЕВСКА