САД објавија нова воена помош за Украина од 820 милиони долари, што ќе вклучува и ракетни системи земја-воздух и противартилериски радари, како одговор на честите руски напади со проектили со долг дострел. Во изминатите денови, Русија лансираше десетици проектили во разни делови на Украина и ги изложуваше украинските сили на постојани, неколкучасовни гранатирања.
САД досега ја помогнаа Украина со 8,8 милијарди долари во оружје и воен тренинг, од кои седум милијарди од почетокот на војната на 24 февруари.
„Ќе ја поддржуваме Украина сè додека биде потребно. САД ѝ даваат капацитети на Украина за да продолжи да се спротивставува на руската агресија. Не знам како ќе заврши тоа, но нема да заврши со руска победа во Украина“, кажа Бајден.
Дел од новиот пакет ќе бидат два система познати како НАСАМС, противвоздушен систем од норвешко производство со кој се штити и воздушниот простор над Белата куќа и Капитол во Вашингтон. Од Пентагон велат дека овие системи ќе ја помогнат украинската транзиција од одбранбените системи од советска ера, за кои денес тешко се наоѓаат резервни делови.