СПОМЕН-КУЌАТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО БИТОЛА СЕ ОБНОВУВА ЧЕТИРИ ГОДИНИ И ПОВТОРНО ЌЕ СЕ ОТВОРИ ЗА ПОСЕТИТЕЛИ

    СПОМЕН-КУЌАТА НА ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ ВО БИТОЛА СЕ ОБНОВУВА ЧЕТИРИ ГОДИНИ И ПОВТОРНО ЌЕ СЕ ОТВОРИ ЗА ПОСЕТИТЕЛИВо оваа куќа, Гоце Делчев престојувал два месеца во 1901 година (Фото: СДК.МК)

    Спомен-куќата на Гоце Делчев во Битола во изминативе четири години интензивно се обновува и осовременува, со цел повторно да биде отворена за посетители, рече министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска при денешната посета. Во нејзина реконструкција државата досега вложила 1,3 милиони денари, а за годинава се предвидени уште 400.000 денари.

    Навистина ми е мило што секоја година се издвојуваат средства за спомен-куќата на Гоце Делчев во Битола и очекувам повторно да биде отворена за секој посетител. Токму неговата мисла ‘Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите’ треба да биде врежана во сите нас, затоа што македонското културно наследство треба да го негуваме секојдневно“, истакна Костадиновска-Стојчевска.

    Конзерваторско-реставраторските зафати почнаа во 2016, кога беше изработена проектна документација. Во 2018, Министерството за култура додели 250.000 денари за замена на електричната инсталација и зафати во ентериерот, во 2019 сумата порасна на 350.000 денари, а во 2020 на 400.000 денари. За лани беа предвидени 310.000 денари.

    Со овие средства, досега се заменети и кровната конструкција и дограмата, реставрирана е фасадата, а сега се работи на ентериерот.

    Во оваа куќа, Гоце Делчев престојувал во 1901 година, кога била дом на тогашниот началник на Реонскиот комитет на ВМРО во Битолско, Михаил Ракиџиев. Во Битола останал два месеца, а за тоа време, во битолскиот затвор го посетил војводата Даме Груев и остварил средби и со други истакнати припадници на револуционерната организација. На заминување, во знак на благодарност, му подарил пиштол на Ракиџиев, што како реликвија се пренесувал од генерација на генерација и сега се чува во спомен-куќата.

    Објектот содржеше две изложбени простории со вкупна површина од 37 квадратни метри. Една беше со документи и фотографии, а во другата, каде Делчев ги одржувал состаноците, беше задржан ентериерот во оригинална состојба. Таму беше и гобленот од разнобојни монистри, кој му бил даден на Ракиџиев од политичките затвореници во централниот битолски затвор.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира