Бившиот јапонски премиер Шинзо Абе се бори за живот откако беше застрелан на митинг во градот Нара. Напаѓачот не се ни обидел да избега и веднаш бил приведен.
Бившиот гувернер на Токио, Јоичи Масузое, изјави дека 67-годишниот Абе се наоѓа во состојба на кардиопулмонарен застој, термин кој во Јапонија се користи пред и официјално да се прогласи смрт.
„Бившиот премиер Абе беше застрелан во 11:30 часот по локално време. Човекот за кого се верува дека е напаѓач е уапсен. Состојбата на Абе не е позната“, кажа шефот на неговиот кабинет Хироказу Мацуно.
Абе држел говор на митингот кога двапати било пукано кон него. Првиот куршум го промашил, додека вториот го погодил во грбот, по што тој паднал. Локалните медиуми објавија дека Абе бил свесен и комуникативен пред да биде превезен во болница, а напаѓачот е опишан како поранешен припадник на јапонските поморски одбранбени сили.
Абе е премиер со најдолг стаж во историјата на Јапонија. Првпат беше избран во 2006, кога остана на функцијата една година, а потоа беше премиер од 2012 до 2020, кога се повлече од здравствени причини.
Оруженото насилство во Јапонија е ретко, бидејќи е забрането да се поседува пиштол.