ПРОГРАМАТА „ПРАВО ПО РАЃАЊЕ“ ДОНЕСЕ ВО БИТОЛА СТУДЕНТИ И СРЕДНОШКОЛЦИ ОД САД И ШВАЈЦАРИЈА СО МАКЕДОНСКО ПОТЕКЛО

    ПРОГРАМАТА „ПРАВО ПО РАЃАЊЕ“ ДОНЕСЕ ВО БИТОЛА СТУДЕНТИ И СРЕДНОШКОЛЦИ ОД САД И ШВАЈЦАРИЈА СО МАКЕДОНСКО ПОТЕКЛОНаум Хофман, Метју Костов и Кристијан Димкос летово престојуваат во Македонија и ќе посетат институции и фирми од Битола (Фото: СДК.МК)

    Наум Хофман од Вашингтон, чии предци се од Скопје, Кочани и Штип, Метју Костов од Детроит, а родум од Преспа и Кристијан Димкос од Цирих, чие семејство води потекло од Леринско се тројцата учесници во програмата „Право по раѓање“ кои летово престојуваат во Македонија и ќе посетат институции и фирми од Битола поврзани со областа на нивното студирање и интерес.

    Имам 21 година и доаѓам од Вашингтон, каде студирам компјутерски науки. Отсекогаш сум сакал да бидам во земјата на моите предци. Првпат доаѓам во Битола, многу е поразлична од Вашингтон. Животот тука е многу посмирен, луѓето имаат време да разговараат и пијат кафе. Во Америка е многу брза живеачката“, рече Хофман, зборувајќи дел на македонски, дел на англиски јазик.

    Метју Костов петти пат доаѓа во Македонија, а семејството во минатото му се преселило од Љубојно во САД.

    Студирам хемија и биологија на Универзитетот во Мичиген. Многу сакам да доаѓам во Македонија, Битола, Љубојно. Местото е многу убаво. Јас секогаш им кажувам на пријателите колку е убава Македонија, колку е опуштено тука. Многу се убави јадењето, местата, па и девојките’, рече Метју на македонски јазик.

    Кристијан Димкос е најмладиот од тројцата посетители, учи во интернационално средно училиште во Цирих.

    По шести пат се организира оваа програма, но првпат со вклучување на Битола. Иницијативата за нејзино проширување ја покренаа четири невладини организации, во кои членуваат и универзитетските професорки Рената Петревска-Нечовска од „Хаб за тактички менаџмент“, Мимоза Богдановска-Јовановска од Центарот за локални иницијативи, Моника Ангелевска-Дичовска од „Инова лаб“ и Светлана Петковска од Здружение на жени-Битола.

    Можеби ќе се воспостави соработка со нивните факултети. Добриот глас надалеку се слуша, па можеби ќе имаме повеќе студенти, со што ќе се проширува кругот на универзитети со кои Битолскиот универзитет би имал соработка“, рече Богдановска-Јовановска, професорка на Факултетот за информатички и комуникациски технологии.

    Гостите беа пречекани и во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Битола.

    Тука главната основа е желбата за трансфер на знаење, бизнис, заработка. Ќе ги запознаеме со нашите факултети. И убедени сме дека кога ќе се вратат во земјите од каде доаѓаат, ќе нè поврзат со нивните факултети, па кога ќе бидат бизнимени, можеби ќе ја продолжат соработката и со стопанството од регионот“, рече проректорот Игор Неделковски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира