Украинските сили подготвуваат или веќе почнале противофанзива во окупираниот јужен регион Херсон, објави Институтот за проучување војна, додавајќи дека увидот во напредокот и темпото на операциите ќе биде ограничен.
Украинскиот советник за Херсон, Серхиј Хлан, изјави дека украинските сили зазеле населени места во регионот и ги повика цивилите да не објавуваат информации за напредувањето на украинската војска.
ХИМАРС, ракетните системи со долг дострел со кои САД и сојузниците ја опремуваат украинската војска, треба да имаат важна улога во оваа противофанзива. Токму со овие системи Украинците деновиве ракетираа два стратешки моста во регионот, обидувајќи се да го нарушат или прекинат снабдувањето на руските сили преку реките Днепар и Ингулец. Новоназначените проруски власти признаа дека мостовите „Антоновски“ и „Даривски“ биле погодени со неколку проектили и оштетени, но дека и натаму се во функција.
„Секој мост е слаба точка за логистиката. Тоа сè уште не значи ослободување на Херсон, но е сериозен подготвителен чекор во таа насока“, кажа Хлан, кој беше гувернер на Херсон до доаѓањето на Русите.
Британското министерство за одбрана соопшти дека во изминатите 48 часа се водат жестоки борби во Херсон, западно од Днепар.
„Линиите на снабдување на руската војска преку Днепар се загрозени“, кажаа од министерството.
Системите ХИМАРС се покажаа ефективни долж линијата на фронтот, бидејќи имаат дострел и до 80 километри.
„Не треба да се плашиме од ХИМАРС, треба да се бориме против нив. Овој систем е сериозен, но имаме соодветни противмерки“, изјави Андреј Картаполов, шефот на Комитетот за одбрана во руската Дума.