Американскиот актер Пол Сорвино, најпознат по улогата на мафијашот Поли Сисеро во „Добри момци“, почина на 83 години во својот дом во Индијана. Во текот на филмската и телевизиската кариера која почна во 1970-ите, Сорвино често толкуваше полицајци и гангстери.
Роден во Бруклин во 1939, Сорвино дебитираше на филм во 1970, а својата најпрепознатлива улога ја оствари во класикот на Скорсезе од 1990, „Добри момци“. Неговиот лик беше инспириран од вистинскиот мафијаш од Бруклин, Пол Варио.
Тој се појави и во десетици епизоди на серијата „Закон и ред“, што го зацементира неговиот статус на „жесток тип“ во очите на многумина гледачи. Глумеше во над 50 филмови и десетици ТВ-серии.
Една од неговите ќерки Мајра Сорвино освои Оскар за „Моќната Афродита“ на Вуди Ален во 1996. Откако таа откри дека била една од жртвите на продуцентот Харви Вајнстин, Сорвино јавно му се закани дека ќе го убие ако некогаш се сретнат.