Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска побара од градоначалничката Данела Арсовска да се прекине со асфалтирање на земјените патеки во првиот дел од Градскиот парк во Скопје, откако денеска веќе е асфалтирана патеката околу малиот лавиринт, а ќе се асфалтираат вкупно 7.500 метри земјени патеки во овој дел од паркот. Бараат Град Скопје веднаш да ги адаптира своите активности на препораките кои се дел од стратешките документи што локалната самоуправа ги изработува, а се платени од пари на граѓаните.
„Во Стратегијата за отпорно Скопје од 2017 се вели ‘Колку повеќе бетон и асфалт, толку повисока температура. Потребни се повеќе зелени површини, зелени покриви и зелени фасади’. Конвенционалните материјали за поплочување можат да достигнат летни температури и од 48-67°степени. Ако земеме предвид дека според картата на урбани топлински острови, централното подрачје на Скопје се издвојува како најтопло место во кое се забележани највисоки среднодневни температури, тогаш е сосема јасно дека сите напори и активности на Градот мора да се насочени кон намалување на температурите, а тоа секако не се постигнува со нанесување црн асфалт кога постојат далеку поадекватни алтернативи. Бекатон плочките и тревнатите плочници се веќе во широка употреба кај нас доколку чакалот не е алтернатива за одредени категории од нашите сограѓани“, се вели во барањето кое „Зелен хуман град“, која има двајца советници во градскиот Совет, го достави до Град Скопје.
Денеска градоначалничката Арсовска се пофали дека почнале да ги асфалтираат земјените патеки во паркот. На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК зошто е одлучено во природна средина да се става асфалт немаесто посоодветни материјали, од Град Скопјени рекоа дека тоа е направено по барање на граѓани кои се жалеле дека не можеле да се движат колички и велосипеди, имало кал и прашина од ризлата. Ни рекоа дека не е одлучено туку-така, односно одлуката е од стручни лица во Градот, но не кажаа кои се тие.
И од архитектонската образовна платформа Македонска архитектура (МАРХ) го осудија овој потег на градската власт.
„Она кое навистина зачудува е неразбирањето на дизајнот на овој простор. Патека од песок не е незавршен проект, туку наменски дизајн. Доколку е деградирана треба да се постави нов слој на песок. Не секоја патека во парковите треба да е асфалтирана, поплочена и погодна за ‘ролери’. Истото можете да го сретнете во секој поголем стар парк низ светот, Версајските градини, Паркот Луксембург во Париз, Централ Парк во Њујорк, потоа хортикултурното уредување на сите дворци и палати – буквално насекаде.
Просторниот дизајн на овој дел од паркот, кој е планиран во еден потег со некогашниот Кермес го формираа тој амбиент. Градската кафеана била паралела на летните палати сместени во длабочините на дворските градини, каде одморате по долгите прошетки“, велат од МАРХ.
А. АНТЕВСКА