На патеката околу лавиринтот во Градскиот парк која во средата беше асфалтирана ставен е тартан. Откако медиумите, јавноста и граѓанските организации реагираа за бетонирањето на земјените патеки во паркот, градоначалничката Данела Арсовска се премисли и патеките ќе останат со ризла. Асфалтот од патеката околу лавиринтот било одлучено да не се вади, туку врз него да се стави црвен тартан за да не изгледа бетонизиран просторот.
Директорот на ЈП „Улици и патишта“ Борис Настов во четвртокот тврдеше дека од самиот старт било планирано да се стави тартан и затоа морало прво да се асфалтира потегот. Настов тврдеше и дека не било во план да се става асфалт на патеките иако во соопштението и изјавата на градоначалничката Данела Арсовска стои дека е предвидено да се става асфалт на земјените патеки.
„Предвидено е да бидат реконструирани пешачки патеки на вкупна површина од 12.500 квадратни метри. Од вкупната површина 7.500 квадратни метри се пешачки патеки што се покриени со ризла кои ќе бидат асфалтирани, а 5.000 квадратни метри пешачки патеки кои се затекнати во лоша состојба со големи оштетувања, ќе бидат санирани со нова асфалтна маса“, стоеше во писмената изјава на Арсовска.
- ГРАД СКОПЈЕ ГИ АСФАЛТИРА ЗЕМЈЕНИТЕ ПАТЕКИ ВО ГРАДСКИ ПАРК ЗА ПОВЕЌЕ ДА СЕ ЗАГРЕВА
-
АРСОВСКА СЕ ПРЕМИСЛИ, НЕМА ДА ГИ АСФАЛТИРА ПАТЕКИТЕ ВО ПАРК, КАЈ ЛАВИРИНТОТ ЌЕ СЕ СТАВИ ТАРТАН